Годишна стапка на инфлација во Германија 3,2 отсто: Најниска од јуни 2021 година

Годишната стапка на инфлација  во Германија падна на 3,2 отсто во ноември од 3,8 отсто во октомври, во согласност со претходната проценка, потврди денеска германската Федерална статистичка служба – Дестатис.

Инфлацијата во Германија во ноември беше најниска од јуни 2021 година.

– Стапката на инфлација падна петти месец по ред – изјави претседателката на Федералниот завод за статистика, Рут Бренд.

Цените на храната во ноември се зголемија на годишно ниво за 5,5 отсто, забавувајќи се од октомвриските 6,1 отсто, додека цените на енергенсите паднаа за 4,5 отсто во истиот период, според веб-страницата на Дестатис, организација со седиште во Визбаден.

Годишната стапка на базичната инфлација во Германија падна од 4,3 отсто на 3,8 отсто. На месечно ниво, цените паднаа за 0,4 отсто во однос на октомври.