ГОЛЕМА КАШЛИЦА ВО НЕКОЛКУ ЕВРОПСКИ ЗЕМЈИ: Во Хрватска, најголем број заболени во последните 40 години

Во Хрватска се зголемува бројот на заболени од голема кашлица, главно кај децата.

Според податоците на Хрватскиот завод за јавно здравје, во оваа земја се зголемува бројот на заболени од голема кашлица. 

Според извештаите, болеста се шири главно кај децата на возраст од 10 до 14 години.

До сега, 2.312 луѓе се разболеле од оваа болест во Хрватска. Повеќето од нив се во Загреб, потоа во Сплитско-далматинската жупанија, а како што информираат од Институтот, ова е и најголемиот број на пациенти со голема кашлица во последните 40 години во Хрватска.

Според нив, се започнало летово во сплитско-далматинската жупанија, која заедно со дубровничко-неретванската жупанија има најмал процент на деца вакцинирани не само против оваа, туку и против други заразни болести.

Новороденчињата и доенчињата се изложени на најголем ризик да добијат голема кашлица, каде што болеста може да биде многу тешка и во некои случаи фатална.

Кај децата кои ги примиле сите пропишани вакцини, болеста не е опасна и обично поминува без сериозни компликации. Сепак, закрепнувањето може да потрае неколку недели или дури месеци.

Болеста обично започнува со покачена температура, проследена со зголемена кашлица, често придружена со звук на отежнато дишење при посилно вдишување. Често се јавува повраќање.

Вакцинирањето против голема кашлица и други заразни болести сè уште е најефективната заштита.

Затоа надлежните ги предупредуваат и информираат родителите и старателите за нивните обврски околу вакцинацијата и имунизацијата на новороденчињата и малолетниците, како и за санкциите за оние кои ги спречуваат нивните деца да го остварат правото на здравје.

Вакцинацијата се препорачува и за трудниците, бидејќи ги штити новороденчињата со мајчините антитела до моментот кога детето ќе може да се вакцинира и со тоа да стекне сопствен имунитет.