Србите од Куманово гласаат на парламентарните избори во Србија

Србите од Куманово денеска во Клубот на резервни воени старешини гласаат на парламентарните избори во Србија.

Претседателот на Избирачкиот одбор на изборното место 54, Зоран Ковачевиќ во изјава за МИА вели дека изборите се спроведуваат без проблеми и дека избирачкото место е отворено во 7 часот.

– Досега на ова изборно место гласаа 246 од вкупно запишаните 420 избирачи, што е некаде 58 проценти излезност. Одлично е организирано, условите се добри, сѐ е во најдобар ред и очекуваме одлична излезност до крајот на изборниот ден, изјави Ковачевиќ.

Во Србија денеска се одржуваат парламентарни избори и избори за пратеници во Собранието на Војводина, како и локални избори во 65 општини и градови, вклучувајќи го и Белград. Ова се 14-ти парламентарни избори во Србија од воведувањето на повеќепартискиот систем, а деветти вонредни.