Грковска – Филипиду: Дигиталната трансформација приоритет за Северна Македонија и Грција

Дигиталната трансформација е приоритет и за Северна Македонија и за Грција, а размената на искуствата е значаен придонес за целиот процес, оценија на денешната средба вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска и новоименуваната грчка амбасадорка во земјава, Софија Филипиду.

Вицепремиерката Грковска, како што соопшти нејзиниот Кабинет, и посака добредојде на новоименуваната амбасадорка и ѝ посака успешно извршување на мандатот.

Притоа, Грковска ја информираше амбасадорката Филипиду, за работењето на Кабинетот и за клучните процеси кои се темелат на три столба и тоа дигиталната трансформација на општеството, антикорупциски политики, како и градењето на професионални, транспарентни, одговорни и отчетни институции.

На состанокот, како што се наведува во соопштението, се разговараше и за интензивирање и продлабочување на меѓусебната соработка, но и размена на искуствата и знаењата во областа на дигиталната трансформација на општеството и креирањето на антикорупциските политики.

Амбасадорката Филипиду истакна дека дигиталната трансформација на општеството е многу важен за успешно справување со корупцијата, но и за унапредување на ефикасноста на институциите.

Двете соговорнички разговараа и за можноста за размена на искуства меѓу двете земји, како во поглед на процесите на дигитална трансформација, но и во однос на механизмите за спречување и откривање на финансискиот криминал.

Вицепремиерката Грковска ги презентираше и идните активност на Кабинетот во делот на соработката со младите и граѓанскиот сектор, кои се клучни во процесот на воспоставување на демократските процеси, ставајќи акцент на важноста за потребата од интегритет, како клучен принцип во градењето на демократското и просперитетно општество кое нуди еднакви можности за сите.