Дали Стево сака да биде лидер на СДСМ, а Пендаровски да биде претседател на државата!? Мицкоски и Пендаровски на салфетка ја делат власта?

Во една досадна кампања толку многу нервоза. Стево како и досега јаде четвртинка со бурек и пие кафе од неговото, а Гордана со Мицкоски ќе му парираат на другиот Стево ( Јакимовски ) во битката да бидат македонска верзија на Трамп, за разлика од Доналд тие Македонија повторно ќе ја прават горда, ако веќе не можат голема. Што ќе рече една веќе видена и излитена кампања што ја прави повторно актуелна дилемата дали на државата и требаат непосредни претседателски избори или како во пред Глигоров ерата да се остави работата да биде завршена во Собранието, меѓу две менувања на уставот за Бугарите или за албанските 20 проценти!?

И во такви услови Стево реши место со Гордана да игра пинг-понг во изјавите со Мицкоски. Демек, Гордана изчезнала и ја нема никаде во кампањата исплашена од политичкиот Монт Еверест со име и презиме Стево Пендаровски, па на Стево мора да му парира шефот на Гордана-газдата на белата палата. Многумина мислат (истото го мисли и авторот на овој текст) дека газдата на белата палата е се уште Никола Груевски, но ете Пендаровски, кој беше прозиван дека учествувал во операцијата Фокус, за враќање на Груевски мисли дека сега клучевите од палата ги има Мицкоски. И така, што би рекле Србите, “ничим изазван” Стево почна да бара дуел со Мицкоски. И тоа само неколку дена откако Мицкоски го изгуби дуелот на Канал 5 од Димитар Ковачевски. Што ќе рече или Стево не може да поднесе да биде во сенка на Ковачевски (го имаше истиот проблем и со Заев) или сака да му фрли гума за “спасување на честа” на Мицкоски.

Мицкоски од Струмица ( а од каде на друго место би можел да ја испрати пораката најпознатиот “политички домазет” во Македонија ) му порача на Стево, дека тој со задоволство би излегол на дуел со Пендаровски, но тој предходно треба да исполни два услови. Прво, да и се извинел на Гордана Сиљановска ( таа омилена “позерија” на Мицкоски и на мицковизмот во палатата да глумат малку професор, строг но праведен, а малку жртва, што психолошки беше одлично скенирано од оние кои ја подготвуваа анти-мицкоски стратегијата на дуелот со Ковачевски ), а второ да ги изгубел претседателските избори и потоа да стане лидер на СДСМ и тогаш ќе можел на дуел со Мицкоски. Значи прво два колоквуми, а потоа на дуел (испит) со професорот. И со тоа како гарнир оди истатата пендаровистичка теза со сменето име ( тоа менување на името како да ни стана судбина !? ) дека не Гордана туку Димитар Ковачевски изчезнал од кампањата.

И така Стево и Христијан си го поделија или сакаат да си го поделат акционерското друштво како Бранко Црвенковски и Никола Груевски во 2006 година. Па ако е бал да биде маскембал, односно ако веќе некој (не)успешно сака да ја репризира 2006 година и смената на Бучковски во СДСМ тогаш барем на “салфетка” како Туѓман и Милошевиќ да ја поделат власта во “нато бановината”!? На тоа сменетиот и прежален (само од Мицкоски или можеби и од Пендаровски !?) Димитар Ковачевски вчера да им порача дека полесно се станувало лидер на ВМРО ДПМНЕ со 400 делегати во салата на Фолк Фест Валандово, отколку на СДСМ со гласање на целото членство. Што ќе рече Пендаровски можел полесно да стане лидер на ВМРО ДПМНЕ отколку на СДСМ. Што и одговара на вистината бидејќи во овој распоред на играчите ( Мицкоски, Сиљановска итн. ) Стево е убедливо најголем вмровец.

Значи Стево се гледа како лидер на СДСМ, а Пендаровски како претседател на државата ( или обратно), Стево и Пандаровски ( кога ќе се договорат ) би сакале да ја репризираат 2006 со историскиот договор на БЦ и Груевски кој на крајот славно ја блокираше Македонија на Самитот на НАТО во Букурешт 2008 година, БЦ го гледа Стево уште од 2014 како лидер на СДСМ ( со писмото дека ни тој ни Заев не се иднината на СДСМ), а Мицкоски има многу газди а не знае да зборува и пишува на француски за да има средба со Макрон и да биде новиот Вучиќ. А Пендаровски новиот Зоран Милановиќ кој исто така пред крајот на првиот претседателски мандат реши да биде малку претседател, малку лидер на хрватските социјалдемократи, а малку шпицен премиер.

Што би се рекло, шпицен претседател Пендаровски, шпицен кандидат за премиер Мицкоски, шпицен градоначалничк на Скопје, Данела Арсовска, на чело на шпицната држава Македонија, се расни шпицеви само нема кој голови да дава!?

А да не се плашат Мицкоски и Пендаровски дека можеме да имаме неуспешни претседателски или парламентарни избори, па како вели идеологот на статус-квото БЦ и среќата ќе биде поголема, а и тагата помала ако се подели со пријателите!?