Двесте и дваесет дечиња од Крива Паланка учествуваа на „Фудбал за сите”

 Викендов беше заокружено второто издание на „Фудбал за сите”, спортско – рекреативна манифестација во организација на Општина Крива Паланка.

-Двесте и дваесет детски насмевки ја красат сликата од завршниот ден на „Фудбал за сите 2023″, кога задолжително се дружам со нив и споделуваме импресии од нивната петдневна дружба на тревникот со фудбалската игра. Со задоволство ја организираме оваа спортско-рекреативна манифестација што ги воведува најмладите во тајните на фудбалот, спортскиот дух и тимската игра. Годинава беа вклучени 22 млади спортисти-асистенти, државни репрезентативци во различни спортови и рол-модели од општината, од кои најмладите имаат што да научат и да земат пример за здрав и спортски начин на живот. Вложуваме во поддршка на младите и спортските клубови, стипендирање на талентирани млади, спортска и детска инфраструктура, во култура и сѐ она што младите ги прави среќни и горди. Во младите вложуваме, тие се наша иднина, рече градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.

Младите вклучени тренери работеа под водство на Бранко Павловски и Антонито Јакимовски, а школата и оваа година се реализираше со поддршка од Здружението за унапредување меѓусебна доверба ТАКТ од Скопје.