Делегација на ОН го посети сириски Идлиб, погоден од разорниот земјотрес

Најмалку 3.688 луѓе загинаа, а над 14.749 се повредени во Сирија како последица на двата силни земјотреси што минатата недела ја погодија јужна Турција.

Делегација на Обединетите нации (ОН) денес ги посети областите под контрола на сириската опозиција што беа тешко погодени од минатонеделните разорни земјотреси.

Според репортерот на Анадолу, делегацијата на ОН влегла на сириската територија од граничниот премин Баб ал Хава со Турција и се упатила кон покраината Идлиб во северозападна Сирија.

Делегацијата треба да се сретне со шефовите на хуманитарните организации и граѓанските здруженија вклучени во напорите за помош на жртвите од земјотресот во областа.

Најмалку 3.688 луѓе загинаа, а над 14.749 се повредени во Сирија како последица на двата силни земјотреси што минатата недела ја погодија јужна Турција.

Во Турција, според последните официјални податоци, животот го изгубија најмалку 31.974 лица, а над 81.000 се повредени.

Два разорни земјотреси со јачина од 7,7 и 7,6 степени според Рихтеровата скала на 6 февруари ги погодија јужните делови на Турција, со епицентар во областа Кахраманмараш, а голем број спасувачки тимови сè уште ревносно работат на пребарување и спасување на луѓето затрупани во урнатините на зградите.