Денеска официјално започнува прекинот на огнот меѓу Хамас и Израел: договорот вклучува две фази, познати детали

Договорот за привремено примирје и размена на заложници ќе стапи на сила во 10 часот.

Примирјето меѓу Израел и палестинското движење Хамас, кое беше посредувано од Катар, треба да стапи на сила денеска во 10 часот по локално време.

Високиот функционер на Хамас, Муса Абу Марзук, вчера изјави дека договорот за привремено примирје и размена на заложници ќе стапи на сила во 10 часот, што подоцна го потврди и висок функционер на Израел, кој побара да остане анонимен.

Вчера израелскиот кабинет официјално ја објави одлуката за прекин на огнот со Хамас, наведувајќи дека прекинот на огнот ќе биде ограничен на 10 дена од првото ослободување на заложниците.

Во соопштението се наведува дека договорот ќе овозможи ослободување на приближно 50 заложници, од приближно 240 киднапирани лица за време на терористичкиот напад на Хамас на 7 октомври, пишува The Times of Israel.

Одлуката на израелската влада обезбедува рамка за договорот, кој вклучува три анекси : препорака од советникот за национална безбедност Тачи Ханегби, доверлив документ презентиран во кабинетот, но не ослободен, и листа од 300 палестински затвореници кои ги исполнуваат условите за ослободување според договорот.

Според одлуката, сите 300 палестински затвореници ќе бидат ослободени само под услов 100 живи заложници, израелски државјани или жители, да бидат ослободени од Газа и вратени во Израел.

Во првата фаза , Израел ќе ослободи 150 палестински затвореници кога 50 заложници ќе бидат вратени во Израел.

Првата фаза ќе се одвива во четири чекори, со најмалку 10 заложници кои последователно ќе бидат ослободени.

Во втората фаза , Израел ќе ослободи дополнителни 150 палестински затвореници под услов 50 дополнителни заложници да бидат вратени во Израел, со иста динамика како во првата фаза.