Десет Палестинци убиени во израелската рација на Западниот Брег

– Најмалку десет Палестинци беа убиени, а повеќе од 100 се повредени во денешните конфликти кои избувнаа кога израелски војници влегоа во палестинскиот град Наблус на Западниот брег, соопштија палестински здравствени службеници.

Во конфликтот една зграда е срамнета со земја, а продавниците се оштетени од куршуми, што го прави еден од најсмртоносните во изминатата година на Западниот брег и во анектираниот источен Ерусалим, и може да се очекува да следи и ново крвопролевање, пренесе Бета.

Исламскиот екстремистички Хамас, кој владее со втората палестинска територија – Појасот Газа, предупреди дека „трпеливоста му е при крај“. Хамас војуваше со Израел четири пати откако во 2007 година со сила ја презеде контролата врз Појасот Газа од силите лојални на умерениот Фатах.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутерс денеска оцени дека ситуацијата на окупираната палестинска територија е „најзапаллива“ после повеќе години и операцијата во Наблус ја опиша како „длабоко загрижувачка“ и апелираше да се спречи понатамошна ескалација на насилството, да се намали напнатоста и да се врати мирот.