Дечковци, девојки, млади жени и сопруги на политичари, обвинители или судии ќе ја делат правдата во иднина!

Речиси 18 отсто од кандидатите кои го положиле испитот, кои ќе бидат идни судии и обвинители, се синови, ќерки или сопруги на актуелни политичари, судии и актуелни обвинители.

Ова го покажува ранг листата што ја објави Академијата за судии и обвинители „Павел Шатев“. Од 58 кандидати само еден не го положил испитот, пренесува Журнал.

Од политичкиот свет, следен судија или обвинител ќе биде Барлет Џафери, синот на Талат Џафери – претседател на Собранието. И Илјана Иванова, роднина на Цветанка Иванова, која е генерален секретар во Собранието. На оваа листа се наоѓа и името на Симона Муцунски Бубевска, сопруга на Тимчо Муцунски – претседател на Аеродром.

Друго име е она на Албулена Абази, сопругата на Ислам Абази – новиот обвинител за гонење организиран криминал и корупција. Билјана Смаќоска, ќерка на Гордана Смаќоска – пензионирана обвинителка која бркаше криминал и корупција, успешно го положи испитот. Драган Јосифовски, синот на Елизабета Јосифовска – поранешна обвинителка во ПСП, сега во Обвинителството за гонење организиран криминал, беше најслаб по знаење, но и тој ќе биде иден судија или обвинител.

Судиите ќе имаат наследници и во судскиот систем. Кирил Георгиев, син на судијата Наќе Георгиев – судија во Врховниот суд. Зоран Здравев син на Киро Здравев – поранешен шеф на судскиот совет кој ќе треба да гони кривични дела. Последен на листата е Илир Јакупи – син на Субхи Јакупи – поранешен член на ДИК и актуелен судија во Вишиот управен суд.

Ова се само дел од имињата за кои јавноста знае, но последниве години се поврзуваат со судии, обвинители и политичари. Имаше многу реакции но и обвинувања за влијание врз оценувачите, со цел одредени кандидати да го положат испитот.