Доаѓа артилерија: Целосна поддршка за „светата борба“; Што сакаат за возврат?

Северна Кореја почна да пренесува артилерија во Русија, зајакнувајќи ги силите на Владимир Путин во војната, изјави неименуван американски функционер за CBS News.

Тој не кажа дали трансферот е дел од нов, долгорочен синџир на снабдување или ограничена пратка, ниту што добива Северна Кореја за возврат за оружјето.

Ким му рекол на Путин за време на состанокот во Русија минатиот месец дека може да смета на „целосната и безусловна поддршка“ на Северна Кореја за „светата борба“ на Русија во одбрана на нејзините безбедносни интереси, пишува американскиот ТВ канал.

Висок јужнокорејски функционер изјави за CBS News дека Сеул е загрижен дека Ким може да побара технологија од Русија за изградба на подморници на нуклеарен погон и понапредни ракети и сателити, покрај соработката за конвенционално оружје.

Официјалниот претставник предупреди дека доколку билатералните врски меѓу Русија и Северна Кореја се продлабочат до тој степен, тоа ќе ја зајакне способноста на Ким да им се заканува не само на блиските азиски сојузници на Америка, Јужна Кореја и Јапонија, туку и на целиот свет.

Од друга страна, како што јави Си-Би-Ес, САД на украинските сили им ги предале резервите на муниција запленети од Иран, соопшти американското Министерство за правда.

Залихите на иранска муниција пренесена од САД во Украина вклучува повеќе од еден милион куршуми од 7,62 мм, кои се користат за митралези и пушки, според CBS.

Муницијата беше запленета од страна на американската морнарица во декември 2022 година од брод кој пловел за Јемен од Иран, каде Техеран ги поддржува бунтовничките сили Хути вклучени во граѓанската војна во земјата.

Централната команда на американската армија потврди дека во понеделникот префрлила муниција во Украина.

Бидејќи дополнителното американско финансирање за Украина засега е замрзнато поради дебатата за буџетот на федералната влада, администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден го искористи трансферот на иранска муниција како решение за континуирана поддршка за Киев, според Си-Би-Ес.