Довербата на Германците во својата држава никогаш не била помала

 – Довербата на Германците во државата никогаш не била толку ниска, покажува истражувањето спроведено од Германското здружение за државни служби (ДББ).

Само 27 отсто од граѓаните сѐ уште веруваат дека државата е способна да ги спроведува своите должности. Според истражувањето, објавено доцна синоќа, Германците сметаат дека нивната држава е преоптоварена, пред сè, во политиката за азил и бегалци, образовната политика и политиката за климата и животната средина.

Сите владини служби и институции во анкетата добија полоши оцени за успешност во 2023 година отколку во претходната година.

„Довербата на граѓаните во способноста на нивната држава падна на ново ниско ниво. Ова е алармантно“, рече федералниот претседател на Германското здружение за државни служби, Улрих Силбербах, на прес-конференцијата во Берлин.

Според мислењето на испитаниците во 2023 година, најважни задачи на државата се одржување на социјалната правда, унапредување на инфраструктурата и заштита на климата.

Граѓаните во западниот дел на Германија ги сметаат за најважни задачи на државата заштитата на климата, миграциските прашања и поддршката за Украина, додека на истокот на Германија тоа е ослободувањето на населението од последиците на инфлацијата, социјалното изедначување и изедначувањето на животните услови помеѓу урбаните и руралните средини.

„Особено загрижувачко во овој поглед е поделбата на општеството што станува сѐ поочигледна“, истакна Силбербах и додаде: „Јазот меѓу Истокот и Западот, сиромашните и богатите, според образовните достигнувања станува сѐ подлабок и нивото на социјален стрес расте.“

Според истражувањето, 80 отсто од испитаниците констатирале општа брутализација на општеството. Дваесет и шест отсто биле сведоци на напади врз вработени во јавниот сектор, додека околу 54 отсто од вработените во јавниот сектор доживеале лични навреди, закани или физички напади.

„Ова е сосема неприфатлива бројка! Вработените во јавниот сектор ја плаќаат сметката за општото губење на угледот на државата, не само во полицијата и службите за итни случаи туку и во училиштата, центрите за вработување и канцелариите на граѓаните“, рече Силбербах.

Во овој контекст, Силбербах упати отворени критики и кон германскиот канцелар Олаф Шолц. „Некој од кабинетот на канцеларот рече: ‘Кој ќе нареди лидерство од мене, ќе го добие’. Тоа сè уште не го виделе граѓаните“, рече тој.

Германското здружение за државни служби (ДББ) го спроведува истражувањето за угледот на државната служба еднаш годишно. Во јуни годинава онлајн биле анкетирани вкупно 2.008 репрезентативно избрани граѓани.