Доналд Трамп со остри критики кон Џо Бајден: “Испраќањето на касетна муниција може да доведе до Трета светска војна!“

Поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп ја осуди одлуката на актуелниот американски претседател Џо Бајден да испрати касетна муниција во Украина, како дел од новиот пакет помош за таа земја, и предупреди дека таквиот потег може да доведе до Трета светска војна.

Џо Бајден не треба да не влече кон Трета светска војна со испраќање касетна муниција во Украина. Тој треба да се обиде да стави крај на војната и да ја запре ужасната смрт и уништување предизвикани од неспособна администрација“, кажал Доналд Трамп во изјавата објавена од неговата кампања.

Тој додал дека неексплодираната касетна муниција ќе убива и осакати невини украински мажи, жени и деца во децениите што доаѓаат, долго по војната, објави NBC.

Тој го критикуваше Џо Бајден што во интервју за CNN викендов и призна дека причината за испраќање на касетната муниција е тоа што САД немаат доволно муниција.

Пентагон неодамна ја објави одлуката за испраќање касетна муниција, а поранешниот потпретседател на САД во администрацијата на Доналд Трамп, Мајкл Пенс, го поддржа потегот.