САД најавија нова транша на воена помош за Украина од 425 милиони долари

– Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден вчера објави нов пакет на воена помош за Украина во висина од 425 милиони долари, во обид да ја зајакне војската на Киев во текот на актуелната контраофанзива за враќање на териториите што ги окупираше Русија.

Пакетот вклучува трансфер на оружје кое веќе се наоѓаше во резервите на САД во вредност од 125 милиони долари, како и дополнителни 300 милиони долари средства на Иницијативата за помош на безбедноста на Украина (USAI).

„Оружјето од американските резерви вклучува дополнителна муниција за националните напредни ракетни системи земја-воздух (NASAMS) и артилериски ракетни системи со голема подвижност (HIMARS), како и повеќе артилериски гранати од 155мм и 105 мм, противоклопно оружје и повеќе од 3 милиони парчиња малокалибарско оружје“, наведоа од Пентагон.

Средствата USAI ги издвојува за набавка на ласерски наведувани системи против беспилотни летала.

„Сѐ додека Русија не ја заврши оваа војна со повлекување на своите сили од Украина и не ги запре бруталните напади, САД и коалицијата што ја изградивме, со повеќе од 50 земји, ќе стои покрај Украина“, соопшти државниот секретар на САД, Ентони Блинкен.