Во рамки на деветтиот пакет антикризни мерки во вредност од 662 милиони евра, предвидено е во наредните седум месеци, 15.000 студенти кои живеат надвор од местото на студирање, да добијат ваучер за превоз во износ од 600 до 1.200 денари, за што се предвидени два милиони евра, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски кој беше во посета на Фармацевсткиот факултет.
Зборувајќи за деветтиот пакет антикризни мерки, како и мерките за субвенциониран студентски оброк – мерка што првпат се воведува, но и зголемувањето на студентските стипендии и реконструкцијата на сите студентски домови, рече дека владината поддршка за студентите е континуирана и на повеќе нивоа.
– За првпат воведовме и субвенциониран оброк за студентите, воведовме и нови категории на студентски стипендии, преку МОН, ги зголемивме и изедначивме на ниво од 6.050 денари на месечно ниво што е зголемување за 80 отсто во однос на што беше претходно. За студентите кои се запишани на дефицитарни студиски програми, по математика, физика, хемија, а од минатата година и на земјоделство, шумарство и ветеринарство има месечни стипендии во износ од 18.000 денари. Воведовме и стипендии на студенти од програмите за превод, историја на уметност, археологија, ликовна уметност и етнологија и антропологија во износ од 6.050 денари, рече премиерот.
Ковачевски кажа и оти се предвидени и 500 стипендии во висина од 6.050 денари за студенти на природно-математички, биотехничките, медицинските и техничко-технолошките науки.
Премиерот денеска присуствуваше на презентација на новата лабораториска опрема и резултатите од научно-истражувачките проекти на Фармацевтскиот факултет во Скопје.