Драмата на семејството Ван дер Сар: сопругата едвај преживеала пред 14 години, морала да научи да јаде и да оди

Легендарниот голман пред еден месец, по заминувањето од Ајакс, изјави дека е целосно исцрпен.

Едвин ван дер Сар, поранешниот голман на Ајакс, Манчестер Јунајтед и холандската репрезентација, во петокот итно е хоспитализиран на Клиниката за неврологија во КБЦ Сплит поради силна главоболка.

Лекарите на сплитската КБЦ ја информираа јавноста дека Ван дер Сар моментално не е во животна опасност, а му била констатирана т.н. субарахноидална хеморагија (САХ). Станува збор за крварење надвор од мозокот, поточно помеѓу меките мозочни ткива, што предизвикува притисок врз мозокот, а потоа и главоболки.

На 1 јуни, Ван дер Сар се повлече од функцијата извршен директор на Ајакс.

Целосно сум исцрпен по сите критики во последните месеци. Чувствувам дека сега треба да се повлечам, да се опуштам и да правам други работи – објасни тогаш легендарниот холандски голман.

Три недели во болница

Фудбалерите на Ајакс имаа слаба сезона, завршија само на третото место во холандскиот шампионат и не се пласираа во Лигата на шампионите.

Холандскиот дневен весник „Телеграф“ објави дека сопругата на Ван дер Сар, Анемари ван Кестерен е постојано покрај нејзиниот сопруг на одделот за интензивна нега во сплитската болница.

Весникот посочува дека таа и имала и субарахноидално крварење пред речиси 14 години. Тоа и се случи во декември 2009 година, два дена пред Божиќ, кога Ван Дер Сар бранеше за Манчестер Јунајтед.

На почетокот нејзината состојба изгледала многу лоша, но подоцна целосно закрепнала. Таа тогаш имала 36 години и поминала три недели во болница.

По мозочното крварење морав повторно да научам многу работи; да зборувам, шетам, планирам. Дури и најобичните работи одеднаш станаа голем предизвик. Шопинг, на пример. Супермаркетот наеднаш стана место каде што моите сетила беа обземени од поплава од дразби и информации – потсетува The Sun на изјавата на сопругата на Ван дер Сар.

Имаат син и ќерка

Откако закрепна, таа и нејзиниот сопруг ја основаа фондацијата „Едвин ван дер Сар“, која им помага на луѓето со повреди на мозокот.

Двојката се венча во мај 2006 година во Амстердам и има две деца, синот Џо и ќерката Лин.

Холандските новинари во својот текст наведуваат и дека поранешниот спортски директор на Ајакс, Марк Овермарс, на крајот на минатата година доживеал срцев удар, кој му нанел голема штета на најважниот орган во човечкото тело.

Тешко е, морам да земам здив кога зборувам многу. И да останам фокусиран ми ја зема енергијата. Моето срце е 45 отсто мртво и не треба да објаснувам како се чувствувам. Направив толкава штета што веќе не може да се санира – изјави Овермарс во интервјуто.