ЕВЕ ГО ОДГОВОРОТ НА ПРАШАЊЕТО: Дали Путин ќе биде уапсен?

Меѓународниот кривичен суд нема овластување да апси осомничени и може да врши јурисдикција само во земјите што го потпишале договорот со кој е основан судот. Откако беше издаден налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин за воени злосторства, се огласија и Москва и Киев. Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова , рече дека наредбата нема правно значење, отфрлајќи ја како „бесмислено парче хартија“.

Одлуките на Меѓународниот кривичен суд немаат никакво значење за нашата земја, вклучително и од правен аспект –  напиша таа на својот канал Телеграм. Покрај потерницата за Путин, распишана е и потерница за неговата комесарка за правата на децата Марија Алексеевна Лвова-Белова.

Заедно со Путин, таа е обвинета за одговорност за „военото злосторство илегална депортација на населението (децата) и незаконското преселување на населението (децата) од окупираните територии на Украина во Руската Федерација“.

Според налогот за апсење, Путин сноси индивидуална одговорност за горенаведените злосторства , како и за тоа што „ги извршил директно, заедно со други и/или преку други лица…, како и за неправилна контрола врз цивилните и воени подредени кои ги извршиле делата и кои биле под негова ефективна власт и контрола, во согласност со одговорноста на претпоставениот“.

Сега главното прашање е дали Путин може да биде уапсен?

Имено, Меѓународниот кривичен суд е основан за да ги гони и изведе пред лицето на правдата одговорните за најтешките злосторства – геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства, и има глобална јурисдикција.

Тоа е судот во последна инстанца, кој интервенира само кога националните власти не можат или нема да гонат. Сепак, МКС нема овластување да апси осомничени и може да врши јурисдикција само во земјите што го потпишале договорот со кој е основан судот, познат како Римски статут. Русија не е потписник на тој договор – затоа Владимир Путин или Марија Лвова-Белова нема да бидат екстрадирани.

Од друга страна, МКС се потпира на земјите ширум светот за да помогнат во апсењето и префрлањето на осомничените во Хаг.