Еве што ве чека оваа лето на Јадранот – Туристите “кукаат” по Велигден поминат во Хрватска, масовно објавуваат сметки: “Палачинки 6,5 евра, лигњи 28 евра, а сезоната уште не почнала“

Некои гости од Словенија кои ги поминаа велигденските празници на Јадранот на социјалните мрежи ги објавија своите сметки за ресторани и кафулиња. Шокирани од цените, а велат – сезоната уште не е ни почната.

Туристите од Словенија кои престојуваа во Хрватска за време на изминатите велигденски празници беа шокирани од цените во кафулињата и рестораните.

„Воведувањето на еврото во Хрватска имаше последици! Цените на туристичките капацитети и угостителските услуги уште пред сезоната вртоглаво пораснаа, па Словенците се вратија дома со празни паричници“, коментираат словенечките медиуми.

Бројни граѓани на социјалните мрежи оставија објави за екстремно високите цени во Хрватска кои ги чекаа за Велигден.

Во групата Кампирање е закон на Фејсбук, некој оставил сметка на ресторан од Пореч.

„Платив 24 евра за два пијалоци и две топки сладолед“, напишала една госпоѓа која за Велигден престојувала во истарскиот град.

Слично нешто му се случи и на познатиот Словенец кој го води синџирот за бургери Lars&Sven. Пред неколку дена го посети Умаг. На Фејсбук сподели фотографии од кафана каде платиле дури 28 евра за порција јадрански лигњи. А лигњите, тврди тој, не биле ни Јадрански, пренесува порталот Собота инфо.

„Љепа Наша… Неин, Данке, Мама… Па сигурно не биле од Јадранот. Можеби дојде време за ефектот Планица, односно за отрезнување“, напиша тој.

Објавена е и фотографија од палачинка со Нутела во Пореч која чини 6,50 евра, додека пиво во еден од рестораните во Пореч чини 5,10 евра.