Еврејските доселеници им се закануваат на Палестинците на Западниот Брег со нова „Накба“

– Еврејските доселеници вчера на Палестинците во окупираниот Западен Брег им се заканија со нова „Накба“, навестувајќи дека насилно ќе ги протераат од сопствената земја, како што тоа се случи во 1948 година.

Според вестите што ги објави палестинската новинската агенција ВАФА, еврејските доселеници ставиле летоци на возилата на палестинските фармери во руралното подрачје на селото Деир Истија, во близина на Салфита, во северниот дел на Западен Брег, барајќи од фармерите да ги напуштат своите домови и села и да се преселат во Јордан.

Доколку не го испочитуваат барањето, еврејските доселеници ќе го сторат тоа со насилни напади и сосила ќе ги истераат од нивната земја, го цитираше ВАФА текстот на еден од летоците напишан на арапски јазик.

Коментирајќи ги заканите, Фирас Дијаб, првиот човек на селото, рече дека заканите им се јасно видливи на сите и го повика населението да биде внимателно.

„Накба“, односно ден на голема катастрофа, го симболизира страдањето и прогонот на палестинскиот народ од основањето на израелската држава на палестинската територија. По основањето на Израел, речиси 800.000 Палестинци се насилно протерани од своите домови и од земјата во 1948 година.

Тензиите се на високо ниво низ Западен Брег откако на 7 октомври избија борби меѓу палестинските групи и Израел во Газа.

Повеќе од 100 Палестинци се убиени од страна на израелските сили на Западниот Брег од 7 октомври досега.

Конфликтот во Газа, која е под израелско бомбардирање и опсада од 7 октомври, започна кога Хамас ја почна операцијата „Поплава Ал Акса“, ненадеен напад со низа лансирања на ракети и инфилтрирање во Израел преку копно, море и воздух.

Хамас наведе дека операцијата е одмазда за упадите во џамијата „Ал Акса“ и зголеменото насилство од страна на еврејските доселеници врз Палестинците.

Израелската војска како одговор започна безмилосно бомбардирање на Појасот Газа, со неселективно бомбардирање на цивилни населби, станбени објекти, џамии, цркви, но и болници.

Во судирот загинаа речиси 8.500 луѓе, од кои најмалку 7.028 Палестинци во Газа и 1.400 Израелци во Израел.