Египетскиот претседател повика на сеопфатен прекин на огнот во Судан

Исклучително е важно да се дејствува во тесна координација со соседните земји кои се најпогодени од оваа криза и сакаат таа да заврши што е можно поскоро, рече Ал Сиси.

 Египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси повика на сеопфатен прекин на огнот во Судан, јавува Анадолија.

Во соопштението од кабинетот на египетскиот претседател се вели дека Ал-Сиси се обратил пред Советот за мир и безбедност на Африканската унија (AUPSC).

Во својот говор тој особено ја истакна важноста за решавање на актуелната криза во Судан.

– Исклучително е важно да се дејствува во тесна координација со соседните земји кои се најпогодени од оваа криза и сакаат таа да заврши што е можно поскоро, рече Ал Сиси.

Во суданскиот главен град Картум, вчера повторно избувнаа судири меѓу суданската армија и паравоените сили за брза поддршка (РСФ) и покрај договорот за прекин на огнот.

Седумдневниот прекин на огнот стапи во сила меѓу ривалите на 22 мај по разговорите меѓу завојуваните страни во Саудиска Арабија.

Во петокот Саудиска Арабија и САД објавија дека сведочеле на подобрувања во спроведувањето на прекинот на огнот.

Сепак, очевидци изјавија дека вчера избувнале жестоки борби меѓу армијата и борците на РСФ во Мукрин, западно од Картум. Населбата Мукрин се наоѓа во близина на двата главни моста кои го поврзуваат Картум со Омдурман.

Експлозии одекнаа во неколку области на главниот град, се слушнаа авиони, но нема извештаи за повредени.

Најмалку 863 цивили се убиени во Судан, а илјадници се ранети во борбите меѓу суданската армија и РСФ од 15 април.

По првите разговори во Саудиска Арабија,  на 11 мај армијата и РСФ потпишаа декларација за посветеност за заштита на цивилите во Судан. И покрај договорот, судирите продолжија меѓу двата воени ривали, особено во главниот град Картум.

Судан е без функционална влада од октомври 2021 година, кога војската ја собори привремената влада на премиерот Абдула Хамдок и прогласи вонредна состојба во потег што политичките сили го осудија како државен удар.