Еден од главните атентатори на Ѓинѓиќ државата го сокрила на тајна локација и досега сменил седум идентитети

Иако малку се знае за атентаторите на Зоран Ѓинѓиќ, се вели дека еден од нив променил дури седум идентитети.

Премиерот на Србија Зоран Ѓинѓиќ беше убиен на 12 март 2003 година. Годинава се навршија 20 години од атентатот на премиерот на Србија, а овој атентат доведе до вонредна состојба во Србија и полициска акција „Сабја“.

Пред три години медиумите тврдеа дека сведокот соработник во судскиот процес за убиството на премиерот Зоран Ѓинѓиќ, Миладин Сувајџиќ или Ѓура Мутави (55) и поранешниот член на ЈСО, заштитен сведок во судскиот процес за убиството на Иван Стамболиќ, Ненад Шаре, познат како Шкене, „се засолнети во Америка“. А како што се наведува, нивниот идентитет го знаат само тајните служби на државата во која се наоѓаат.

Ѓура Мутави доби можност да влезе во програмата за заштита под поинаков идентитет. Најпрво го сменил името во Младен Ѓуриќ, но неговото вистинско име и адреса го знаат само неговото потесно семејство и службата за заштита на сведоци во земјата каде што живее. Дури и српската служба знае малку за него. Тој и Шкене се во земја која има договор со Србија. Според одредени информации, тие се некаде во Америка. Обично им се нудат големи земји како Америка, Канада и Австралија. Таму немаат постојана заштита. Тие се платени и имаат работа. Тоа е најдобрата опција за нив. Ги нема никаде, ги нема повеќе – изјави за Ало извор кој учествувал во истрагата за убиството на премиерот Ѓинѓиќ.

Иако имаа криминално минато, овие сведоци добија статус на заштитени сведоци, а на прашањето на тогашниот судија на Специјалниот суд во Белград зошто е тоа така, судијата кусо одговори дека го избрале помалото од двете зла.

Миладин Сувајџиќ или Ѓура Мутави, последен пат се појави во јавноста на судењето за убиството на Славко Чурувија, а при бегството користеше лажни документи издадени на имињата на Зоран Илиќ, Раденко Илиќ, Бошко Балаќ, Драго Ќеркет, Драган Обрадовиќ и Којица Павлица.

Најмалку се знае за Ненад познат како Шкене, кој работел како шеф на обезбедувањето на Милорад Улемек Легија, а по тоа што е запаметен е видеото од Фрушка Гора, каде покажа каде е погребано телото на убиениот Иван Стамболиќ среде полициската акција „Сабја“.

Остатоците на Стамболиќ се пронајдени во дупка исполнета со вар на Фрушка Гора, ископана пред точно 20 години.

Претседателот на Претседателството на Србија за време на „големата“ Југославија беше киднапиран и убиен на 25 август 2000 година, а се сомневаат дека делото го извршиле осудените членови на „црвените беретки“.

Она што буди сомнеж е фактот дека во Фрушка Гора била донесена непозната личност со фантомка на главата, која во текот на истрагата инсистирала да не биде отстранета фантомката, тврдејќи дека се плаши за безбедноста на сопругата и децата. Од друга страна, факт е дека Шкене во тој момент немал деца. А подоцна, на прашањето на истражниот судија за идентитетот на тројцата кои го убија Иван Стамболиќ, тој не сакаше ниту да одговори.

Во улога на сведок соработник, Шкене се појави само на судењето за убиството на Стамболиќ, каде сведочеше зад затворени врати.