ЕК го лансираше петтиот инвестициски пакет за Западен Балкан: вреден 2,1 милијарди евра

Овие проекти ќе помогнат да се намали нееднаквоста, да се зголеми отворањето работни места и да се намали потрошувачката на енергија и емисиите на стакленички гасови.

Европската комисија започна нов финансиски пакет за поддршка на 14 водечки инвестициски проекти во областа на транспортот, енергијата, животната средина, човечкиот капитал и поддршката за приватниот сектор во Западен Балкан, во вредност од 2,1 милијарди евра.

Како што се наведува во соопштението објавено на веб-страницата на Европската комисија, ова е петти инвестициски пакет во рамки на Економскиот и инвестицискиот план на ЕУ за Западен Балкан.

Проектите беа подготвени во тесна соработка со партнерите од Западен Балкан и меѓународните финансиски институции со цел да се забрза европската перспектива на регионот. Европскиот комесар за соседство и проширување Оливер Вархељи рече дека новиот инвестициски пакет испраќа гласна и јасна порака до партнерите од Западен Балкан , дека нивната иднина е во ЕУ и дека „ние правиме постојан напредок“ со цел да се надмине нерамномерниот економски развој.

– Овие проекти подобро ќе ги поврзат земјите од регионот меѓу себе и со ЕУ, ќе помогнат во декарбонизацијата на нивните економии и ќе обезбедат поддршка за конкурентноста на приватниот сектор во регионот – рече Вархељи.

Тој ги повика партнерите од Западен Балкан и меѓународните фински институции да ги започнат овие проекти што е можно поскоро за граѓаните и бизнисите во регионот да имаат корист од овие инвестиции.

Инвестицискиот пакет од 2,1 милијарди евра, кој вклучува 528 милиони евра грантови од ЕУ од Инструментот за претпристапна помош (ИПА III), дополнителни билатерални придонеси од земјите-членки на ЕУ и Норвешка, заеми од меѓународни финансиски институции и придонеси од економиите на Западен Балкан, во петокот беше поддржан од Оперативниот одбор на Инвестициската рамка за Западен Балкан (ВБИФ).

Одобрените проекти опфаќаат пет приоритетни сектори. Човечкиот развој се однесува на подобрување на енергетската ефикасност и интегрирано управување со енергијата на Универзитетот во Белград.

Чистата енергија вклучува реновирање на хидроцентралите во Србија и Босна и Херцеговина со цел да се намалат емисиите на стакленички гасови и да се зголеми енергетската ефикасност во Северна Македонија.

Други проекти вклучуваат зајакнување на преносната мрежа на Северна Македонија или воспоставување зелен транспорт во Тирана.

Одржлив транспорт значи изградба на автопатски делници и подделници на Коридорот Vc во Босна и Херцеговина и Коридорот VIII во Северна Македонија.

Овие проекти ќе ја олеснат регионалната трговија, ќе го намалат времето на патување и ќе промовираат одржлив економски раст.

Животната средина и климата подразбираат реновирање на системот за водоснабдување во Сараево со цел да се подобри јавното здравје, да се зајакне комерцијалната инфраструктура и да се подобри севкупната ефикасност на водоснабдувањето во кантонот Сараево.

Приватниот сектор се однесува на снабдување со финансиски средства за мерки за обновливи и ефикасни енергетски извори во регионот, одржлив пристап до финансии за претприемништвото и комбинација од специјализирано финансирање за дигитализација и конкурентност за микро и мали претпријатија (ММСП).

Овие проекти ќе помогнат да се намали нееднаквоста, да се зголеми отворањето работни места и да се намали потрошувачката на енергија и емисиите на стакленички гасови.

Економскиот и инвестицискиот план на ЕУ за Западен Балкан од 30 милијарди евра инвестиции, вклучително и до девет милијарди евра грантови од ЕУ, има за цел да го стимулира долгорочното закрепнување, да ја забрза зелената и дигиталната транзиција, како и да ја поттикне регионалната соработка и зближување со ЕУ.

Инвестициската рамка за Западен Балкан (VBIF) е заедничка финансиска платформа на Европската комисија, финансиските организации, земјите-членки на ЕУ и Норвешка со цел да се подобри соработката во инвестициите во јавниот и приватниот сектор за социо-економски развој на регионот и придонесувајќи за европската интеграција на Западен Балкан.

VBIF е главната финансиска алатка за спроведување на амбициозниот економски и инвестициски план на ЕУ за Западен Балкан, се вели во соопштението објавено на веб-страницата на Европската комисија.