ЕМ ПРОЗАПАДНИ, ЕМ ДЕЛАТ ТЕНДЕРИ НА БЕЛОРУСКИ КОНЗУЛ? Марковски компани од РЕК Битола добила фрапантни 163 милиони евра, тврди ВМРО-ДПМНЕ

Фактот што тендерот во рекорден износ од 46 милиони евра за ископ на јаглен во РЕК Битола го добива омилената фирма на власта, Марковски компани, која притоа не ја дава најниската понуда, а му припаѓа на конзулот на Белорусија во Македонија, доволно говори колку е вистинита наводната прозападна ориентација на СДСМ и ДУИ, обвини ВМРО-ДПМНЕ во соопштение.

ВМРО-ДПМНЕ тврди дека понудата на Марковски компани била за 30% повисока од конкурентските понуди, но таа мистериозно го добила тендерот.

– Оваа разлика очигледно е голема и постои основан сомнеж дали истата била искористена да се „подмачкаат“ комисии, директори, а можеби и членови на влада, објаснува ВМРО-ДПМНЕ.

Постои и основано сомнение дека е прекршен законот за заштита на конкуренција со тоа што комисијата за овој тендер поставила такви услови со кои се фаворизирал операторот Марковски компани.

Дали намерно или ненамерно направиле превид дека фаворизираниот економски оператор Марковски компани со истата механизација веќе учествува на два други тендери што е спротивно на закон.

За три години во РЕК Битола оваа компанија, Марковски има добиено 58 тендери со вкупна вредност од неверојатни 163 милиони евра – се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.