Ердоган: Користењето на сите видови срамни методи не е војна, туку масакр

 – Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека „непропорционалните и неосновани напади врз Газа можат да доведат до нарушување на меѓународниот угледот на Израел.

„Непропорционалните и неосновани напади врз Газа можат Израел да го втурнат во неочекувана и несакана позиција во очите на светската јавност“, порача денес Ердоган зборувајќи на состанокот на Клубот на претставници во турскиот парламент од редовите на Партијата за правда и развој (АК партија).

„Бомбардирањето цивилните населби, намерното убивање цивили, блокирањето возила за транспорт на хуманитарна помош во регионот и обидот сето тоа да се претстави како вештина, може да биде само рефлекс на (терористичка) организација, а не на држава“, порача Ердоган и додаде:

„Израел не би требало да заборави дека, доколку се однесува како организација, а не како држава, на крајот ќе биде третиран како организација.“

За израелско-палестинскиот судир што избувна кон крајот на минатата недела, Ердоган рече дека „Турција не ја смета за оправдана каква било акција насочена против цивилите или каков било напад насочен кон цивилните населби.“

„Судирот кој се води со сите видови срамни методи не е војна, туку масакр“, подвлече претседателот Ердоган.

Ердоган додаде дека сите би требало да се држат настрана од импулсивните одлуки кои имаат за цел во целост да се казни палестинскиот народ, како што е прекин на хуманитарната помош.

„Турција се противи на убивањето цивили на израелската територија“, рече претседателот Еродган, додавајќи дека „Анкара никогаш не прифаќа ‘неселективен масакр’ на недолжните во Газа“.

Во драматичната ескалација на блискоисточните тензии, израелските сили започнаа континуирана и силна воена кампања против Појасот Газа како одговор на воената офанзива на палестинската група Хамас врз израелските територии.

Конфликтот започна во саботата кога Хамас ја изведе операцијата „Aqsa Flood“ против Израел, ненадеен напад со низа ракетни лансирања и инфилтрација во Израел по копно, море и воздух, за што Хамас вели дека е одмазда за нападот на Ал-Акса во окупираниот Источен Ал-Кудс (Ерусалим) и растечкото насилство на израелските доселеници врз Палестинците.

Како одговор на операциите на Хамас, израелската војска ја започна операцијата „Железни мечеви“ против целите на Хамас во Појасот Газа. Одговорот на Израел е проширен и со прекин на снабдувањето со вода и струја во Газа, што дополнително ги влоши условите за живот во подрачјето кое се наоѓа под тешка блокада од 2007 година.