Ердоган: „Нетанјаху го испиша своето име во историјата како ‘Касапот на Газа’ “

 – Претседателот на Република Турција и претседател на АК Партија, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, го испишал своето име во светската историја како „касапот на Газа“.

Обраќајќи се на состанокот на групата пратеници од АК Партија во Големото национално собрание на Туркије во Анкара, претседателот Ердоган го започна својот говор со зборовите: „Најсрдечно ги поздравувам Палестинците, угнетениот и горд народ во Газа.“

Наведувајќи дека од 7 октомври жителите на Газа биле изложени на најподолите и најгрозоморните напади во историјата на човештвото, Ердоган рече дека Палестинците биле бомбардирани, им биле разурнати училиштата, болниците и џамиите, а намерно цел на нападите биле и бегалските кампови во кои жителите на Газа се обиделе да се засолнат. Тој истакна дека по патиштата се фрлаат бомби и врз цивилите што мигрираат.

„Брутално ги масакрираа чедата на мајките, ги натераа татковците, кои како зеница во окото ги чуваа своите деца, да ги собираат нивните тела“, рече Ердоган.

Истакнувајќи дека станува збор за геноцид врз 2,3 милиони луѓе во Газа, кои се лишени од храна, гориво, лекови, леб, струја, вода и комуникација и кои биле приклештени во затвор на отворено од 360 квадратни километри, Ердоган рече: „Пред очите на целиот свет, во текот на овие 50 дена ја запали Газа, ја разурнаа. Извршија секаков вид ѕверства. Вистински пекол е тоа што го доживеаја жителите на Газа од 7 октомври, изложени на израелско угнетување. Приближно 16.000 наши браќа од Газа, од кои повеќе од 70% жени и деца, загинаа во израелските бомбардирања, а над 35.000 Палестинци се ранети. Со милост се сеќавам на секој од загинатите и се молам за брзо закрепнување на повредените.“

Зборувајќи дека две третини од зградите во Газа се уништени, разурнати или се неупотребливи, Ердоган истакна дека здравствената и образовната инфраструктура во Појасот Газа е во колапс и додаде:
„Нетанјаху, кој изврши едно од најголемите злосторства во изминатите 100 години во Газа, веќе го испиша своето име во историјата како ‘касапот на Газа’. Оваа црна дамка не е испишана само на челото на Нетанјаху туку и на челата на сите што го поддржуваат безусловно. Оваа дамка од срам никогаш нема да се исчисти. Никогаш нема да ги заборавиме човечките и воените злосторствата спроведени во Газа и нереагирањето на западните земји, освен на една или две земји. Ќе ги употребиме сите расположливи средства за да ја повикаме израелската администрација на одговорност пред меѓународното право, како и пред човечката совест.“

– „Ќе продолжиме со интензивирањето на контактите за Газа“

„Турција, како во минатото, така и денес стои покрај жителите на Газа со сите свои средства“, истакна Ердоган. Наведувајќи дека прво и најважно прашање во неговите меѓународни контакти е војната во Газа, претседателот на Турција продолжи со зборовите:

Ердоган истакна дека Нетанјаху, кој е под притисок на израелската јавност, мора да биде спречен да пролева уште крв и да одзема повеќе животи за да го продолжи својот политички живот и додаде:

„Нетанјаху ја загрозува безбедноста на сите Евреи, вклучително и народот на Израел, поттикнувајќи го антисемитизмот со убиствата што ги изврши во Газа. Заедно со антисемитизмот во светот расте непријателството кон исламот. Имигрантите што живеат во овие земји ја плаќаат цената за неодговорната реторика на западните лидери, кои ги демонизираат Палестинците под изговор на поврзаност со Хамас. Грозоморниот напад врз тројца палестински студенти во САД во неделата е последен пример за тоа. Знаеме дека западните држави не сакаат да ги казнуваат и да реагираат против овие терористи, чии активности честопати се обидуваат да ги банализираат нарекувајќи ги ‘фанатици, ментално нестабилни или крајно десничарски’. Двојните стандарди што ги покажаа од почетокот на кризата во Газа укажуваат на тоа дека во игра се и други сценарија, освен правните дупки што се поврзуваат со неказнивоста на злосторствата извршени од омраза кон муслиманите. Дефинитивно не е добронамерен попустливиот став прикажан под велот на слободата на мислата на оние што ја запалија светата книга Куран. Очигледно е дека денес тие се обидуваат да создадат муслимански проблем, исто како што тоа се правеше со Евреите и Ромите во минатото. Како земја со 7 милиони луѓе што живеат во странство, од кои повеќето во Европа, внимателно ги следиме сите случувања. Нема да дозволиме да искрвави носот на ниту еден наш граѓанин.“

„Турција ќе ги интензивира дипломатските напори за ослободување на заложниците и воспоставување траен мир во Газа“, истакна Ердоган.

Претседателот на Турција рече и дека изјавите што доаѓаат од администрацијата на Нетанјаху ја намалуваат надежта дека моменталната хуманитарна пауза во Појасот Газа ќе се претвори во долготраен прекин на огнот.

Што се однесува до хуманитарната помош што Турција ѝ ја дава на Газа, Ердоган рече дека вториот хуманитарен брод со 1.500 тони хуманитарна помош ќе исплови во текот на денот.

– Турско – грчки односи

Осврнувајќи се на состојбата во турско-грчките односи, претседателот Ердоган го истакна следното:

„Имавме спорови со Грција вчера, ќе имаме и утре. Тоа е факт, но тоа не значи дека како две земји кои делат исто море не можеме да најдеме заеднички јазик.“