НАТО: Русија во Украина изгуби над 300.000 војници

– Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека Русија изгубила стотици авиони, илјадници тенкови, како и над 300.000 војници во војната во Украина.

Столтенберг на прес-конференцијата што ја одржа на крајот на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО изјави дека два дена разговарале за многу прашања, како и за Украина, Кина и Западен Балкан.

Говорејќи за Украина, наведе дека 50 отсто од регионите окупирани од Русија се ослободени од украинската војска.

Истакнувајќи дека Украина продолжува да постои како суверена држава и дека тоа е најважното достигнување, Столтенберг рече дека Русија претрпела големи загуби во битките и дека е економски ослабена.

Столтенберг наведе дека Русија политички го изгубила влијанието не само во Украина туку и во својата непосредна околина, на Кавказ и во Централна Азија.

„Русија изгуби значителен дел од своите конвенционални сили. Стотици авиони, илјадници тенкови и над 300.000 човечки жртви“, рече Столтенберг.

Тој наведе дека Русија е под економски притисок, дека приходите од нафтата и гасот се намалени, над 1.000 странски компании ги прекинаа или намалија своите активности во земјата и дека 1,3 милиони луѓе ја напуштиле Русија минатата година.

„Сето тоа е грешка на Путин. Тој направи стратегиска грешка со инвазијата на Украина“, рече Столтенберг.

Тој смета дека руските цели во Украина не се променети.

„Руската економија е на воена основа. Путин има висока толеранција за загуби. Руските цели во Украина не се променети. Русија пред зимата направи големи резерви на проектили. Гледаме нови обиди да се удри на електричната мрежа и енергетската инфраструктура на Украина. Се обидува да ја остави Украина во мрак и студ“, додаде Столтенберг.