Ердоган: Победата кај Малазгирт 1071 година не беше обична

– Денес на одбележувањето на 952. годишнина на историската победа во Битката кај Малазгирт (Манзикерт), на програмата по повод одбележувањето на овој ден во Муш се обрати претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.

„Никогаш не смее да се заборави вистината дека Малазгирт не беше обична битка, ниту обична победа“, рече Ердоган на одбележувањето на настанот што се случи во 1071 година.

Битката кај Малазгирт, град во источиот дел на Турција, се одигра во 1071 година кога турските Селчуци под водство на султанот Алп Арслан го победија византискиот цар Роман IV. Последица на поразот беше ослабената одбранбена моќ на Византијците, што доведе до населување на турското население во историската област Анадолија.

„Ние зачекоривме во Анадолија преку Малазгирт. Одамна бевме тука. Малазгирт ја отвори портата на нашиот политички суверенитет во Анадолија“, рече Ердоган.

Битката кај Малазгирт во историјата се смета за пресуден настан кој е директно одговорен за подоцнежната пропаст на Византија, а Селчуците понесени од победата во оваа битка, го продолжија својот победнички поход во Мала Азија.

Зборувајќи за стогодишнината од основањето на Република Турција, претседателот Ердоган се осврна и на плановите за иднината на земјата и истакна:

„Постојат некои почетоци кои го менуваат текот на историјата. Ние сакаме да влеземе во новиот век на нашата Република Турција со таков почеток.“