Ерменскиот претставник за односите со Туркије: „Земјотресите се почувствуваа и во Ерменија, во секоја смисла“

„За жал, болката што ја споделивме овде нè зближи, но се надеваме дека еден ден не несреќата и катастрофата, туку меѓусебната соработка ќе нè зближат“, изјави специјалниот претставник на Ереван за нормализација на односите со Анкара.

Двата земјотреси што ја потресоа Турција минатата недела беа почувствувани и во Ерменија во секоја смисла, изјави специјалниот претставник на Ереван за нормализација на односите со Анкара Рубен Рубинјан.

„За жал, болката што ја споделивме овде нè зближи, но се надеваме дека еден ден не несреќата и катастрофата, туку меѓусебната соработка ќе нè зближат“, изјави Рубинјан за Анадолу за време на интервјуто во градот Адијаман, каде што ерменските спасувачи помогнаа во операциите за пребарување и спасување.

Истакнувајќи дека земјотресите не се нешто туѓо за Ерменците, Рубинјан рече дека и Турците и Ерменците живеат во зона на земјотреси.

„Во такви случаи, постои само солидарност меѓу општествата. Помошта на Ерменија за Турција во лицето на оваа катастрофа ги одразува чувствата на ерменската заедница“, рече Рубинјан.

Тој изрази сочувство и солидарност со Турција и надеж дека тие можат „да постигнат одржлив мир“.

Рубинјан вчера пристигна во Турција заедно со ерменскиот министер за надворешни работи, Арарат Мирзојан, кој имаше средба со неговиот турски колега Мевлут Чавушоглу во главниот град Анкара.

Најмалку 36.187 луѓе загинаа во двата силни земјотреси што ја погодија јужна Турција на 6 февруари, соопшти денеска Агенцијата за катастрофи на земјата.

Земјотресите со јачина од 7,7 и 7,6 степени, со центар во областа Кахраманмараш, погодија повеќе од 13 милиони луѓе во 11 области, Адана, Адијаман, Дијарбакир, Газиантеп, Хатај, Килис, Малатија, Османије, Шанлиурфа и Елазиг.

Неколку земји во регионот, вклучувајќи ги Сирија и Либан, исто така ги почувствуваа силните потреси што ја погодија Турција за помалку од 10 часа.