Есен отстранува споменик на кардинал обвинет за сексуално злоставување

– Бискупијата на германскиот град Есен соопшти дека ќе го отстрани споменикот на починатиот кардинал Франц Хенгсбах, обвинет за злоупотреба на малолетници, и ќе го замени со меморијал на жртви на сексуално насилство.

Хенгсбах беше католички кардинал кој почина во 1991 година. Тој беше обвинет, меѓу другото, за наводно злоставување на шеснаесетгодишно девојче во 1954 година додека бил помошен бискуп во Падерборн. Тој е обвинет и за сексуален напад на жена во Есен во 1967 година.

Администраторот на катедралата во Есен, Томас Зандер, најави дека неговата статуа ќе го замени спомен простор за жртви на сексуално насилство.

Католичкиот бискуп од Есен, Франц-Јозеф Овербек, ги замоли верниците од парохијата за прошка за неговото справување со обвинувањата против неговиот претходник.

Во писмо тој открива дека за овие тврдења првпат бил информиран во 2011 година од Падерборн, кој се наоѓа на околу 130 километри источно од Есен. Овербек рече дека тој не презел ништо во тоа време бидејќи од Конгрегацијата за доктрина на верата во Рим му било кажано дека обвинувањата се неосновани.

„Денеска признавам дека тие обвинувања во 2011 година беа погрешно проценети, а жртвите доживеаја неправда“, напиша тој.

Бискупиите Есен и Падерборн во вторникот соопштија дека има „сериозни“ обвинувања против нивниот претходник.

Хенгсбах стана кардинал во 1988 година и беше еден од најпознатите германски свештеници.