ЕУ со предупредување: Глобалното затоплување може да предизвика раст на болестите што ги пренесуваат комарците

Европската Унија (ЕУ) упати предупредување дека климатските промени може да предизвикаат раст на болестите што ги пренесуваат комарците.

Според извештајот подготвен од страна на Европскиот центар за спречување и контрола на болестите (ECDC) при ЕУ, како резултат на зголемените топлотни бранови предизвикани од климатските промени, поплавите и долгите летни месеци во Европа, зголемен е репродуктивниот капацитет на азиските тигрести комарци (Aedes albopictus) и комарците на жолта треска (Aedes aegypti).

Азиските тигрести комарци се проширени во северна и западна Европа. Во 2013 година овие видови се појавуваа во 114 зони во 8 европски земји, додека оваа година се појавија во 337 различни зони во 13 земји.

Познато е дека азиските тигрести комарци пренесуваат болести како денга и чикунгуња.

Меѓу другото, Aedes aegypti, што се појавуваат во повеќе зони во Европа, претставуваат ризик од пренесување на денгата, жолтата треска, чикунгуња, зика и вирусот од Западен Нил во овој регион.

Директорката на Европскиот центар за спречување и контрола на болестите (ECDC), Андреа Амон, укажа на важноста за контролирање на популацијата комарци, и воведување мерки за лична заштита со цел спречување на ширењето болести.

Со цел справување со кризата со комарци, во извештајот се препорачува користење на медикаменти кои не се штетни за природата, а ги убиваат ларвите во застоена вода, и се препорачува подигање на свесноста кај општеството кон болестите што може да се пренесуваат преку комарците.