Жена го пронашла черепот на малиот Емил, го спакувала во торба и го однела дома: Нови детали за мистериозната смрт на момчето

Черепот на детето имал мали пукнатини и скршеници кои можеле да настанат по смртта

Судбината на малото момче Емил (2) со месеци беше неизвесна, откако исчезна во јули минатата година. Полицијата и стотици доброволци трагаа по момчето од Франција, а потоа минатата сабота коските на момчето ненадејно се појавија во селото Верн во близина на куќата од која исчезна. Случајот ја шокираше целата заедница на француските Алпи.

Што се случи со момчето? И покрај откривањето на делови од телото, тоа останува мистерија.

„Коските што се пронајдени не можат да ја кажат причината за смртта на Емил. Помеѓу пад на детето, убиството од небрежност и убиството, сè уште не можеме да сметаме дека ниту една теорија е поверојатна од другите да го објасни исчезнувањето и смртта на Емил“, рече државниот обвинител, Жан-Лик Блашон.

Остатоци и облека пронајдени во шумата

Според истражителите, случаен минувач ги пронашол коските во шумата. Черепот на детето имал мали пукнатини и скршеници кои можеле да настанат по смртта. Забележани се и каснувања, најверојатно од животни. Коските долго време биле изложени на различни временски услови. Сега се истражува дали можеле да бидат во различни средини.

Во близина на потокот, полицајците ги нашле чевлите, маичката и долната облека на детето. Облеката беше расфрлана, не само на едно место.

Жената го спакувала черепот на момчето во пластична кеса

Областа каде што лежеше черепот беше внимателно прегледана по исчезнувањето. Според обвинителката, секој метар квадратен бил истражен. Но, како што беше истакнато, во лето вегетацијата е густа и висока, а теренот на 25 минути пешачење од родното село на детето е стрмен.

Не е јасно дали телото на момчето во тој момент веќе било таму или подоцна е донесено таму.

„Како и кој? Тоа е друго прашање“, рекол Блашон, пренесува Билд.

Можни фактори вклучуваат временски услови или дури и животни.

Според обвинителот, жената која го пронашла черепот го спакувала во најлонска кеса, го однела дома, а потоа повикала полиција. Таа немала сигнал од мобилен телефон во тешко достапниот дел.

Франсоа Балик за весникот Фигаро изјави дека останките на детето се пронајдени „на патеката меѓу црквата и капелата“.

За потсетување, Емил исчезна на 8 јули минатата година кога дошол во селото на одмор со баба и дедо.