Западни амбасадори кај Курти за забраната на српскиот динар во Косово

Амбасадорите на Германија, Франција и Италија во Косово заминаа попладнево во косовската Влада на средба со премиерот Албин Курти, а во врска со, како што објавија косовските медиуми, спроведувањето на Правилникот на Централната банка на Косово (ЦБК) за забрана на српскиот динар како платежно средство во земјата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Германскиот амбасадор, Јорн Роде, францускиот Оливие Гуеро и италијанскиот Антонело Де Риу се очекува да го повторат барањето на меѓународната заедница, односно на земјите сојузнички на Косово, вклучително Соединетите Аемрикански Држави, за одлагање на спроведувањето на новата регулатива на ЦБК, со која се предвидува еврото да биде единственото готовинско платежно средство на територијата на целата држава.

Српската држава издвојува милиони евра за Србите во Косово – преку паралелен систем – за плати, пензии и социјална помош.

Правилникот на ЦБК, кој стапи во сила од 1 февруари годинава, беше критикуван од меѓународниот фактор, кој тврди дека одлуката е донесена без претходни консултаци. При тоа беше  побарано од Приштина да го одложи неговото спроведување, бидејќи, според меѓународните претставници, потребно е повеќе време за српската заедница да се прилагоди на новите правила.

По реакциите од сојузниците, Курти најави едномесечна кампања за информирање на граѓаните од српска националност за измените во регулативата, додека меѓународната заедница, САД и Европската унија, побараа подолг транзициски период.

Амбасадорот на Германија во Приштина, Роде изјави дека се потребни барем четири месеци со цел да се извршат потребните подготовки за безболно укинување на динарот, по што ЦБК излезе со план, според кој ќе има „транзициски период“ од три месеци.