Македонската фудбалска репрезентација со ремито во Скопје против Италија ја прекина серијата од три порази во евроквалификациите, а на утрешното гостување во Малта ќе се обиде да ја забележи втората победа во петтиот натпревар во рамки на групата Ц.
Централниот дефанзивец Ѓоко Зајков посочи пред утрешниот дуел дека иако противникот е последен на табелата без освоен бод, Малта поседува квалитет и не треба да се потцени.
-На натпреварот во вторник треба да одиграме одговорно и сите да го дадеме максимумот, бидејќи Малта не е наивен противник, има доста квалитет и не треба да се потцени, изјави Зајков.
Црвено – жолтите на дуелот против Италија одигра подефанзивно, а според Зајков за победа против Малта ќе биде потребна офанзивна игра.
-Со Италија беше друг натпревар со квалитетен противник против кој мораш да одиграш подефанзивно. Но, утре ако сакаме да победиме, треба да нападнеме со сите сили, додаде Зајков.
Натпреварот во вторник е со почеток од 20:45 часот на Националниот стадиум „Та Кали“.