За патни трошоци 73 пратеници лани добиле 360 000 евра

Седумдесет и три пратеници за 11 месеци минатата година инкасирале 360 000 евра за да ги покријат своите патни трошоци. Од пресметката е одземен август, кога пратениците се на колективен одмор и Собранието не работи.

Како што објави телевизија „Сител“ врз основа на податоците добиени преку барање за информации од јавен карактер, најмногу патни трошоци пријавиле народните избраници СДСМ, поточно 23 пратеници од оваа партија добиле 133 000 евра. Веднаш за нив се дваесет и три пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои за овааа намена добиле 132 илјади евра.

Сумите за патни трошоци што минатата година ги пријавиле пратениците варираат од 7 800 до 770 000 денари, а рекокордери се Мирче Аџиоски, Јадранка Поцкова и Сурија Рашиди. На овие пратеници на сметките им легнале од 706 до 770 илјади денари.
Мирче Аџиоски од ВМРО-ДПМНЕ лани дневно во просек добивал по 3.550 денари за да патува на релација Струга до Скопје, а Јадранка Поцкова од истата пратеничка група, за патувањата од Скопје до Струмица, дневно во просек добивала 3468 денари. Сурија Рашиди од Алијанса, за превоз од Струга до Скопје дневно во просек добивал по 3254 денари.