За 10 отсто зголемени цените на пченицата

 Русија го забрза глобалното зголемување на цената на храната. Цените на фјучерсите на пченицата вчера на берзата во Чикаго се зголемија за девет проценти, најголем дневен пораст од 2012 година.

Цената на пченицата денеска се зголеми за уште еден отсто.

Цената на пченицата се зголеми откако руското Министерство за одбрана соопшти дека од 20 јули сите бродови што ќе пловат до украинските пристаништа ќе бидат воени цели, а земјите под чие знаме пловат тие бродови, ќе ги сметаат за сојузници на Киев.

Русија на 17 јули соопшти дека нема да го продолжи Договорот за извоз на украински земјоделски производи од пристаништата во Црното Море. Москва се жали дека ветеното олеснување за сопствениот извоз на жито и ѓубрива не се реализира. Меѓутоа, таквите обврски не се наведени во Договорот. И тоа не ја спречи Русија да ги зголеми испораките. Во земјоделската 2022/2023 година извезла рекордни 45,5 милиони тони пченица, покажуваат податоците на американското Министерство за земјоделство. Во новата 2023/2024 година извозот ќе биде уште поголем, прогнозира американското Министерство и ќе изнесува 47,5 милиони тони.