Зголемен водостојот на Охридското, а намален на Дојранското Езеро

За два сантиметра е зголемен водостојот на Охридското Езеро во споредба со вчера, а за исто толку е намалено нивото на Дојранското Езеро, покажуваат резултатите од последните мерења направени од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Водостојот, пак, на Преспанското Езеро е ист со вчерашниот, но е за 1,9 метри понизок од просечниот за септември и е на 8 сантиметри под апсолутно појавениот минимум. Пониско од просечното е и нивото на Охридското Езеро и тоа за два сантиметра, додека водостојот на Дојранското Езеро е повисок за 1,78 метри од повеќегодишниот просек за овој период од годината.

Нивоата на реките во државава најчесто се исти како вчера. Најголемо зголемување на нивото во споредба со вчера, речиси двојно, има реката Струмица на мерното место кај Ново Село, а најголемо намалување од само шест сантиметри има Вардар кај Велес.