Зголем бројот на заболени од грип во однос на претходните години

Во текот на 52-ра недела од 2023 година (25.12-31.12.2023), во земјава се пријавени 403 случаи на заболени од грип или заболувања слични на грип, што е 96,6% повеќе во споредба со претходната недела, соопшти Институтот за јавно здравје.

Бројот на пријавени лица споредено со 52-ра недела од минатата сезона е зголемен за 16,1%, а во однос на претходните 13 сезони, е поголем за 79,0%.

Пријавената инциденца е под неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип, односно сѐ уште не е достигнат прагот на влез во сезоната на грип.

Во однос на возрасната дистрибуција, 151 лице е на возраст од 15-64 години, 108 се деца на возраст од 0-4 години, 115 деца на возраст од 5-14 години и 29 се лица на возраст над 65 години. Највисока инциденца се регистрира кај децата на возраст од 0-4 години.

Во текот на оваа недела, регистриран е еден смртен случај асоциран со грип. Се работи за лице на
возраст од 67 години од Скопје кое било хоспитализирано на Клиниката за инфективни болести и
фебрилни состојби во Скопје. Кај починатото лице е утврдено присуство на коморбидитети
(кардиоваскуларни, обезитас и малигно заболување) и не било вакцинирано со вакцина против
сезонски грип. Кај починатото лице, лабораториски е потврдена Influenza А (H1).

Во сезоната 2023/2024 вкупниот број на случаи на грип/заболувања слични на грип изнесува 1.293.
Во споредба со истиот период од минатата сезона, бројот на пријавени случаи е зголемен за 39,0%, а во однос на моделот од последните 13 сезони се регистрира зголемување од 20,0%.