Зеленски: Во интерес на Русија е да се разгори војна на Блискиот Исток

 – Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска во своето дневно видео-обраќање изјави дека во интерес на Русија е да разгори војна на Блискиот Исток за да го ослабне глобалното единство.

– Врз основа на достапни информации – многу веродостојни информации – во интерес на Русија е да разгори војна на Блискиот Исток за да создаде нов извор на болка и страдање што ќе го ослабне глобалното единство, ќе посее поделба и ќе и помогне на Москва да ја поткопа слободата во Европа, рече Зеленски.

Украинскиот претседател истакна дека руските пропагандисти се „веселат“ поради настаните и дека Иран, кој го опиша како сојузник на Москва, отворено ги поддржува оние кои го нападнаа Израел.

– Сето ова претставува многу поголема закана отколку што светот во моментов може да замисли, рече Зеленски.

– И знаеме како да се справиме со оваа закана. Ги подготвуваме неопходните мерки. Најважно е дека се залагаме за максимално глобално единство“, додаде украинскиот претседател.

Зеленски во вчерашниот телефонски разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека Украина е „солидарна со Израел, кој е предмет на бесрамен и голем напад“.