Зеленски: „Од почетокот на војната се убиени најмалку 500 деца во Украина“

 – Претседателот на Украина, Владимир Зеленски, денес изјави дека од почетокот на војната во февруари минатата година досега, животот го загубиле најмалку 500 украински деца.

Зеленски потсети дека во еден од последните руски напади е убиено двегодишно девојче.

Украинскиот претседател наведе дека „руското оружје и омраза продолжуваат да ги одземаат и уништуваат животите на украинските деца секој ден“.

„Многу од нив можеа да станат познати научници, уметници, спортски шампиони, давајќи придонес на историјата на Украина“, рече Зеленски.

Според неговите зборови, невозможно е да се утврди точната бројка на убиени деца од почетокот на војната, бидејќи некои подрачја сѐ уште се под руска окупација.

„Мораме да издржиме и да победиме во оваа војна. Цела Украина, сиот наш народ, сите наши деца мораат да бидат ослободени од рускиот терор“, порача Зеленски.