Зечевиќ на средба со Дрекслер

Генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ денеска се сретна со амбасадорката на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер во седиштето на партијата. Се разговараше за актуелната политичка состојба во земјава, процесот на уставни измени во македонското Собрание и поддршката од Германија за членството во ЕУ, информираат од СДСМ.

– Благодарни сме за поддршката на Германскиот Бундестаг и усвоената Резолуција со која се признава и се оддава длабока почит на македонскиот идентитет, јазик, култура и историја. Германија не е само наша пријателска земја која силно го поддржува европскиот пат, туку и најголем трговски партнер, со голем број инвестиции кај нас, а заеднички делуваме како партнери во НАТО и ОБСЕ. Очекуваме Германија да остане посветена на процесот на проширување на ЕУ и да остане силен наш поддржувач, истакна Зечевиќ.Тој коментираше и за започнувањето на процесот за уставни измени во Собранието и рече дека ова е историска шанса за продолжување на европската интеграција којашто , како што кажа, не смее да се пропушти.- Имаме единствена можност, отворена врата за европскиот пат и оваа шанса ние сметаме дека е исклучително важно сега да ја искористиме. Во спротивно ќе видиме како земји од регионот напредуваат а ние стоиме во место, со нарушени односи со ЕУ и со загрозени стратешки позиции. Тоа значи загрозување на националниот и државен интерес. И прашањето е колку генерации ќе загубиме за 11 години? Не смееме тоа да и го направиме на сопствената татковина, додаде Зечевиќ.Исто така нагласи дека изолацијата на земјата може да е посакувана варијанта, подеднакво за луѓе од внатре но и за структури од надвор, кои не им мислат добро на македонската држава и сакаат да останеме надвор од ЕУ, надвор од европските интегративни процеси, додаде тој.- Наивно е да се мисли дека причината за тоа е единствено зачувување на партиски или личен рејтинг, станува збор за нешто многу подлабоко. СДСМ е подготвена да се спротивстави на сите деструкции и процесот на интеграција во ЕУ да продолжи. Се работи за Македонија, за иднината на македонскиот народ и сите наши граѓани. Оваа битка за младите македонски генерации мора да ја добиеме и ќе ја добиеме, посочи Зечевиќ.Тој потенцираше дека сочувувањето на националните атрибути на македонскиот народ, македонскиот идентитет, јазик, култура и наследство е можно само со полноправно членство во ЕУ и целосна интеграција на македонскиот идентитет во комплексниот мозаик на европскиот.