Израел официјално го намали бројот на загинати во нападот на Хамас на 7 октомври од 1.400 на „околу 1.200“

Портпаролот на израелското Министерство за надворешни работи, Лиор Хајат, во петокот изјави дека бројот на жртвите од нападот на Хамас на 7 октомври во јужен Израел е ревидиран на околу 1.200 од претходната владина проценка од 1.400.

„Околу 1.200 е официјалната бројка на загинати во масакрот на 7 октомври“, се вели во писмената изјава на портпаролот Лиор Хајат.

Хајат рече дека бројката била ажурирана во четвртокот.

„Ова се должи на фактот дека имаше многу тела кои не се идентификувани и сега мислиме дека им припаѓаат на терористи, а не на израелски жртви“, изјави Хајат за АФП.

На списокот што го објави израелскиот весник Хариц има 1.152 имиња, од кои 764 цивили, 60 полицајци, 315 војници и 13 спасувачи. Израел објави и дека 41 војник загинал од почетокот на копнената инвазија на Газа.