„ИМАМ ПРСТИ КАКО КОЛБАСИ“ се пошегува кралот Чарлс за време на неговото крунисување

Британскиот крал Чарлс Трети се пошегува за време на пробите за крунисување дека има „прсти како колбаси“, што беше снимено во документарецот на Би-Би-Си кој ги прикажува подготовките за церемонијата на крунисувањето што се одржа во мај.

Документарецот покажува и дека надбискупот од Кентербери, Џастин Велби, го заборавил својот текст за време на проба. Во релаксираниот 90-минутен документарец, кралот Чарлс е прикажан „како добродушна фигура, потопена во сложените подготовки за крунисувањето“, наведува Би-Би-Си.
На една од последните проби во Вестминстерската опатија, камерите го фатија принцот Вилијам како се мачи да закопча еден од неговите свечени костуми, на што кралот му рекол да не се грижи бидејќи нема „прсти од колбаси“ како што има тој.

Документарецот ја следи првата година од владеењето на Чарлс по смртта на кралицата Елизабета Втора и дава увид во секојдневниот живот на кралот. Во документарецот, сестрата на Чарлс, принцезата Ана вели дека случајно престојувала во Балморал кога кралицата Елизабета умирала и вели дека кралицата била загрижена дека нејзината евентуална смрт во Шкотска ќе предизвика дополнителни тешкотии.

Принцезата Ана зборуваше и за чудно „чувство на олеснување“ кога ја виде круната извадена од ковчегот на нејзината мајка, како да го симболизира крајот на нејзината долгогодишна посветеност на должноста. Принцезата, исто така, ја пофали кралицата Камила за нејзиното „извонредно“ разбирање на улогата на сопруга на кралот Чарлс.

Филмот, напишан од кралскиот писател Роберт Хардман, го прикажува и кралот Чарлс како ги посетува украинските војници кои се обучуваат во ОК.