Иран: Американските напади во Сирија и Ирак се „ризична стратешка грешка што ги зголемува тензиите во регионот“

 – Иранското Министерство за надворешни работи ги осуди синоќешните американски воздушни напади во Ирак и Сирија како „повреда на државниот суверенитет и територијален интегритет“ на двете земји.

Портпаролот на министерството Насер Канани, изјави дека нападите претставуваат „уште една ризична стратешка грешка на САД, чиј резултат само ќе ги зголеми тензиите и нестабилноста во регионот“.

Соединетите Американски Држави соопштија дека нивните воени авиони нападнале повеќе од 85 цели во Сирија и Ирак поврзани со иранскиот Корпус на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) и паравоените групи што ги поддржува како одговор на минатонеделниот напад со беспилотно летало врз база во Јордан, во кој загинаа тројца американски војници.