Италијански велосипедист казнет поради убиство на мачка

 Италијанскиот велосипедист Антонио Тибери (21), кој вози за екипата Тек-Сегафредо е казнет со 4.000 евра за убиство на мачка во Сан Марино, а неговата екипа дополнително го суспендираше на 20 денови без плата.

Поранешниот јуниорски светски првак на хронометар и од неодамна жител на малата република без излез на море во внатрешноста на Италија, е казнет откако со воздушна пушка ја усмртил мачката која била во сопственост на неговиот сосед и министер за туризам на Сан Марино, Федерико Амати.

Италијанските медиуми јавија дека Тибери, испробувајќи ја својата воздушна пушка, ја нанишанил мачката во глава и со еден истрел ја усмртил.

„Мачката никому не му пречеше“, изјави Амати за весникот „Кориере дела Сера“.

„Долго беше со нас. Мојата ќерка ја засака. Не можете да убиете домашно милениче и да се извлечете со казна од 4.000 евра“, рече Амати.