Итно предупредување на СЗО: Се заканува епидемија на опасна заразна болест!

Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус денеска изјави дека епидемијата на колера на Хаити, која се намалува од крајот на минатата година, би можела повторно да се разгори доколку превирањата во оваа островска држава на Карибите продолжат.

„Одговорот на колерата и следењето на податоците веќе беа погодени од неодамнешното насилство“,  изјави Гебрејесус за новинарите на виртуелен брифинг, пренесе Ројтерс.

Тој посочи дека состојбата значително ќе се влоши во наредните недели доколку нема доволно гориво и наскоро не се подобри пристапот до основните медицински материјали.

Немирите во центарот на главниот град на Хаити, Порт-о-Пренс и во областа на меѓународниот аеродром во градот започнаа на 29 февруари, во отсуство на премиерот Ариел Анри, кој беше во Кенија обидувајќи се да го финализира распоредувањето на странски вооружени сили на Хаити за борба против бандите.

Бандите го зазедоа поголемиот дел од Порт-о-Пренс, изјавувајќи дека имаат намера да го спречат премиерот да се врати на чело на земјата и да го „ослободат“ Хаити. 

Во земјата беше прогласена вонредна состојба, а Анри подоцна ја објави својата одлука да поднесе оставка. Според проценките на ОН, повеќе од 360.000 луѓе се внатрешно раселени на Хаити.