Како Тито го надигра Сталин? На Југословенските фудбалери им се пресекоа нозете кога добија писмо од Маршалот (фото/видео)

На 20 јули 1952 година финскиот град Тампере беше сцена на митската фудбалска драма меѓу репрезентациите на Југославија и СССР, во време на политичкиот конфликт меѓу лидерите на двете земји Тито и Сталин.

Тоа свежо лето во 1952 година се играше фудсбалскиот меч во рамки на вторите повоени Олимписки игри, први во кои учествуваа и спортисти од Советскиот Сојуз, кога Европа се навикнуваше на повоениот период и се разгоруваше Студената војна. Во исто време во полн ек беше внатрекомунистичкиот конфликт меѓу „братските“ земји Југославија и СССР, што ја наруши воспоставената „политичка блок геометрија“ по Втората светска војна.

Резолуцијата на комунистичкото Информбиро беше причина за тензии и идеолошка хистерија од Трст до Владивосток, а тогашна Југославија живееше во психоза на можен воен конфликт со земјите од советскиот блок. Дел од Истра беше поделен на зони А и Б меѓу Југославија и Италија, на југословенските граници со источните земји речиси секојдневно имаше инциденти и смртни случаи, а властите во Белград полека, прагматично и рационално се вртеа кон своите „идеолошки непријатели“, САД.

Во Москва, Тито беше нарекуван „слуга на империјализмот“ и „Јуда на комунизмот“, а во Белград, Милован Ѓилас тврдеше дека Сталин нема никаква врска со марксизмот и дека неговата идеологија е поблиска до онаа на Хитлер.

Тито го потпиша Договорот за воена и економска соработка со САД, кои на Југославија и’ испраќаа помош во жито и и’ даваа кредит од над 50 милиони долари за набавка на суровини.
Во СССР, репресиите на Сталин се засилуваа, иако постојано се шпекулираше за неговото здравје. Во комунистичките земји владееше антититоистичката хистерија и имаше постојани судења на домашните „титоистички ревизионисти“, додека во Југославија сè уште траеше ловот на „информбировците“ кои се испраќани „во изолација“ на Голи Оток.

Винстон Черчил триумфално се врати на премиерската фотелја во Лондон што ја загуби во 1946 година, а на крајот на 1952 година дојде и до промена во Белата куќа – дотогашниот американски претседател Хари Труман го наследи воениот херој и командант на сојузничките сили во Европа од Втората светска војна, Двајт Ајзенхауер.

Во Европа како зрак на новото време е основана Заедницата за јаглен и челик, од која подоцна произлезе и Европската Унија.

Во таква атмосфера на вторите повоени Олимписки игри во Финска се собраа спортисти од 69 земји. Олимпијадата ќе остане запаметена по еден од најголемите и најполитизираните фудбалски натпревари, наречен „драмата во Тампере“ – осминафиналето на олимпискиот турнир во фудбал меѓу Југославија и СССР или како што многумина го нарекуваат „фудбалскиот дуел меѓу Тито и Сталин“.

Тој меч беше повеќе од игра. Фудбалот од „најважна споредна работа“ во тој момент стана најважна работа – прашање на херојство и срам. Дуелот требаше да ги издигне играчите до ѕвездите, но за тоа имаше можност само за едниот тим. Во овој случај тоа беа играчите во сини дресови на Југославија кој остварија триумф, а другите, оние во црвени дресови со голем бел кириличен натпис „CCCP“, стравуваа за сопствената судбина.

На 20 јули во Тампера османа прекрасен неделен ден. Трибините на градскиот стадион „Ратина“ почнаа рано да се полнат собирајќи вкупно 17.392 гледачи. Финските навивачи дојдоа да видат кој е подобар – Тито или Сталин. Така на мечот се бодреше Тито, а во во помал број и Сталин.
Нервоза владееше во двете соблекувални. Малку се зборува за тактиката, а повеќе за политичкото значење на мечот и за надежта што постои во двете земји. СССР и Југославија и онака се на работ на војна. Во таква ситуација поразот во фудбалот – не беше опција во оптек.
Советскиот комесар им држеше предавање на фудбалерите за очекувањата на „другарот Сталин“ и на целиот советски народ. Во соблекувалната беше и советскиот амбасадор во Финска, водачите на комунистичката младинска организација Михаилов и Шелепин и некои други „другари во кожени мантили“.

Во југословенската соблекувална, исто така беше амбасадорот на Југославија во Финска и некои други другари со сериозни лица. Се читаа стотици телеграми од работни луѓе, според некои извори пристигнале околу три илјади, потоа од колективи и војници на контролните пунктови на границите со Бугарија или Унгарија, во кои на фудбалерите им посакуваат среќа во играта. Пред натпреварот кога играчите се веќе бледи и исплашени, член на делегацијата ја носеше и поздравната телеграма од Тито.

-,,Ни се пресекоа нозете. Играј сега да те видам кога Тито ти праќа телеграма”, се присетуваше подоцна низ насмевка на тој ден големиот Владимир Беара, голманот на таа генерација.
Играчите на двете селекции, како што им беше кажано, не се само фудбалери, тие се „претставници на нивните земји, народи, влади и партии“. Победа или смрт! Огромен идеолошки товар беше фрлен на плеќите на играчите. Одличниот советски играч Леонид Иванов се сеќава како еден играч потресено му рекол: „Леонид, ние сме денс гладијатори. Тоа е игра до смрт!“.
Еден од најголемите југословенски фудбалери Златко Чајковски им порача на соиграчите: „За луѓето дома денеска ќе бидеме или херои или кукавици!“

Судија беше Англичанецот Артур Елис, кој по „драмата во Тампере“ ја судеше и „битката во Берн“ – финалето на Светското првенство во 1954 година меѓу Германија и Унгарија.
На теренот во сини дресови излегоа Беара, Станковиќ, Црнковиќ, Чајковски, Хорват, Бошков, Огњанов, Митиќ, Вукас, Бобек и Зебец, а во црвени – Иванов, Крижевки, Башашкин, Нирков, Петров, Нето, Трофимов, Николаев, Бобров, Марјутин и Бесков.

На теренот имаше само еден тим – оној во сини дресови. Играат како на крилата на Пегаз. Советите ги немаше никаде. На полувреме е 3:0 за сините – Митиќ (29), Огњанов (33) и Зебец во 44. минута. Советските играчи подоцна тврдеа дека при влегувањето во соблекувалната на полувремето, другарите од раководството им довикувале фашисти!
Легендарниот советски фудбалери, но и хокеар, Всеволод Бобров, подоцна, кога веќе исчезнаа темните облаци на сталинизмот, се присети:

„Во соблекувалната владееше тишина. Иванов плачеше. Сите бевме депресивни. Го тешев Леонид – Не грижи се, ќе се повратиме”. Ми одговори: “Нема”. И самиот не верував во што го зборував“.

Освен нов мотивациски политички говор, единствено што се зборува за играта е дека по секоја цена мора да се запре Вукас.

Во соседната соблекувална владеше еуфорија. Сите зборуваат гласно. Се бодрат и се смеат. Само што започна вториот дел, Бобек во 46. минута постигнува гол и донесе невидени 4:0. Мирисаше на вистинска советска катастрофа.

Во 59. минута веќе е 5:1. На „ридестиот Балкан“ сите се во транс околу ретките радио приемници. Преносот внимателно се слуша и во Маршалатот. Во СССР нема пренос.
Но, тогаш доаѓаат најцрните 15 минути во мечот. До 75. минута Југославија води со 5:1. Сините имаат повеќе шанси, но потоа неразумно се повлекуваат во одбраната, френетично чувајќи го резултатот во кој и самите не веруваа.

-Одеднаш почувствувавме неразумен страв од таквото водство. Да беше помалку, ќе ни беше полесно и ќе го сочувавме, вака навлезе немирот, се присети Беара, кој од 75. до 90. минута прими четири гола за конечни 5:5.

-Игор Нето рече: „Се плашевме од таквиот резултати и за тоа што може да ни се случи. И игравме како луди. Над нашите можности!”

Во продолженијата, играчите на двата тима изгледаат исцрпени како боксери по нокдаун.

-,,Само го чекавме крајот. Се плашевме да не загубиме. Бевме целосно празни. Не можев ни да дишам, а камоли да трчам. Ментално бев целосно празен”, изјави подоцна легендарниот Бобек.


Според тогашните правила, по продолженијата немаше пенали, туку се играше нов натпревар. За два дена, во вторник на 22 јули, на истиот стадион, со истиот судија, пред исто толку возбудени и љубопитни гледачи, од кои најголем број навиваат за „Тито“.
Таа игра веќе не е толку епска, но Русите се во добра форма, а нивниот адреналин го додава и гневното писмо од Сталин прочитано пред натпреварот.

Од Југословените не смее да се изгуби!, гласеше пораката на другарот Сталин.
Таа вроди со плод. Во 6. минута Советите имаат водство. Но, тогаш играчите во сини дресови меѓусебно се бодрат и започнува рапсодијата. Прво капитенот на Црвена звезда, Рајко Митиќ, потоа партизановците Златко Чајковски и Бранко Зебец за конечни 3:1 за голема идеолошка победа, среде вжештените политички страсти, кога главата се губела и за помала работа, а не поради „пораз од ревизионистички противник“.

Југославија подоцна стигна до финалето, но не го освои златото. Незапирливата унгарска „лесна коњаница“победи во финалето, но на тој пораз никој не им замери.

По нивното враќање, Тито ги примил играчите во Белиот двор, им честитал на сите и, според легендата, на секој играч му доделил награда од по 100 американски долари.
Радио преносот од Тампере го следеа рекорден број слушатели. Преносот се емитуваше и на звучници на улиците, фабриките и железничките станици. Тој радио пренос и гласот на коментаторот Радивоје Марковиќ ќе ја одбележат и клучната сцена во филмот „Татко на службен пат“.
Радивоје Марковиќ сакаше да зборува за тој меч.

– ,,Кога еден руски играч, во продолжението од првиот натпревар, ја шутираше топката покрај Беара и полета кон празната мрежа, останав без зборови. Не можев да кажам ништо. Топката ја погоди стативата. Но, јас веќе не можев да зборувам”.

Хрвоје Мацановиќ го продолжи преносот, се присетуваше Марковиќ.
Според тогашните весници, дури три лица доживеале срцев удар со смртен исход поради натпреварот.
Каква средба на титаните беше тоа и колкава важност и’ се придаваше, говори и на фактот дека резултатот од вториот натпревар на руските фудбалски фанови им беше соопштен неколку години по смртта на Сталин, во време на десталинизацијата на Хрушчов!

Поразите беа забранети. Бобров на руската јавност првпат и’ раскажа за самата игра во интервју 11 години по натпреварот! За првиот натпревар објави само еден московски весник, „Вечерња Москва“, наведувајќи ги само имињата на советските играчи и стрелците на нивните голови.
Натпреварот се сметаше за трагедија во „поразениот“ СССР. Јуриј Нирков изјави дека кога играчите се вратиле во Москва очекувале да бидат уапсени, но никој не ги пречекал на станицата.

-,,Седевме и чекавме без да кажеме збор, а потоа полека, еден по еден, си отидовме дома”, раскажуваше Нирков.
Сталин бил гневен на играчите и на раководството на советската репрезентација, кои „се осмелиле да загубат од титовата клика“.

Злогласниот шеф на НКВД, Лаврентиј Берија, планирал одмазда за фудбалерите, особено за оние од тимот на шесткратниот шампион, клубот на Црвената армија – ЦДКА, чии играчи го сочинуваа костурот на националниот тим. Берија е навивач на главниот ривал на ЦДКА – Динамо од Москва.
Во Кремљ, според урбаната легенда, се одвивал ваков разговор:
Сталин: Лаврентиј Павлович, што да правиме со оние што ја оцрнија воената чест и нè предадоа?

Берија: Јосиф Висарионович, како што!? Па, да ги расформираме!
Репрезентацијата на СССР е распуштена и за казна не учествува на квалификациите за Светското првенство во 1954 година. Клубот чии играчи ја оцрнија советската чест – ЦДКА – исчезна од фудбалската карта на СССР. Тој беше исфрлен од лигата и расформиран. На сите фудбалери им беше одземена престижната титула „мајстор на спортот“, која даваше многу привилегии и бенефиции. Играчите беа прераспоредени во другите клубови, а тренерите добија ангажман во клубови од пониските лиги. На селекторот Борис Аркадјев му е одземен воениот чин и сите спортски титули.

-,,Бевме заложници на ситуацијата и на тензичното време“, изјави подоцна Всеволод Бобров.
По две години, кога Сталин и Берија повеќе не беа меѓу живите, клубот ЦДКА беше обновен под името ЦСКА, назив што го носи и денес.
Во Југославија пак фудбалските репрезентатвци се слават како кралеви, а Тито дури ќе им дозволи некои од нив, како Вукас, Беара и Зебец, да заминат да играат во странство.