Калчополи, нова рунда?! Јуве единствениот кој заглави, сокриени и уништени се доказите за другите?

За ова се зборува долго време, изгледа има некоја вистина…

Се чини дека она што секогаш се зборуваше беше вистина.

Поминаа 20 години, „Калчополи“ сè уште ја дели Италија меѓу оние кои веруваат дека тоа е заговор (навивачите на Јувентус) и другите кои веруваат дека единствениот виновник е соодветно казнет со исфрлање во Серија Б.

Но, државната телевизија РАИ емитуваше програма која беше објавена во текот на минатата недела во медиумите затоа што протече информацијата, обесчестениот Лучијано Моџи дошол во посед на прислушуваните разговори од периодот пред 2006 година, му ги пренел на сега веќе бившиот претседателот Ањели. Разговорите покажуваат дека другите клубови не само што вршеле притисок врз судиите, туку и отворено барале и добивале услуги.

Прв на листата е Интер, кој беше и најголем добитник на Калчополи. Макс Морати во 2002 година го угости судискиот комесар Бергамо, го нападна дека судиите го мразат Интер, по што Бергамо секогаш испраќал судии кои, како што беше откриено синоќа, имале задача секогаш да судат против Јувентус, кога не се сигурни во одлуките. Тоа беше начин да се избегнат критиките. На пример, Паоло Бертини беше клучен во полуфиналето на купот меѓу Интер и Јувентус кога направи серија грешки на сметка на торинскиот клуб.

„Тој е интелигентно момче, ја донесе вистинската одлука“, изјави Бергамо по мечот.

Да потсетиме, Јувентус секогаш тврдеше дека и покојниот Џакинто Факети, легенда и претседател на Интер, се јавувал и вршел притисок врз судиите како Моџи.

Како исчезнале доказите открил Џандоменико Лепор, кој бил врховен обвинител во Неапол и кој собирал докази.

„Имавме повеќе материјали кои ги вмешаа другите клубови, а потоа некој го турна тој материјал до медиумите, Еспресо го објави, па сите останати ги исклучија телефоните. Да бидам искрен, другите клубови го направија истото, но ние не продолживме со истрага откако Јувентус беше казнет“, вели обвинителот.

Беше прислушуван и тогашниот претседател на здружението Караро, кој всушност на Бертини му го кажа она што тој подоцна им го повтори на судиите.

„Ако е сомнително против Јувентус. Родомонти, кој суди, ја нема репутацијата на Колина, не смее да погреши во корист на Јуве“, му нареди Караро на судијата.

Забележано е и дека побарал помош за Лацио кој на некои натпревари бил оштетен. Тој побарал помош за средба со Милан, но комесарот не можел да оди против моќниот Меани, поранешен судија кој бил на платен список на Берлускони.

Беше забележано и дека на судиите им беше наложено да и помогнат на Фиорентина против Киево, што се случи, „Магарињата“ беа оштетени за пенал, по тој меч се крена голема врева.

Исто така, Бергамо призна дека имало договор меѓу моќните луѓе на Италија, сопственикот на Пирели Тронкети Провера(спонзор и навивач на Интер повеќе децении), но и семејството Ањели, односно Елкан, да се сменат Моџи и Џираудо од Јувентус.

Интер наводно им платил на одговорните да молчат по скандалот кој никогаш не бил докажан, а околу 170.000 телефонски разговори биле избришани. Се чини дека Моџи е предаден од самиот Јувентус, бидејќи борбата за наследство на семејството Ањели продолжи и по смртта на патронот Џани, кој беше „тежок“ на околу три милијарди евра. Наследниците на империјата на браќата Елкан не го сакале Моџи и се сомневале дека тој стои зад скандалот што избувна кога Лапо Елкан беше фатен од медиумите со транспроститутки. Наводно, Лучијано Моџи им „намигнал“ се на папараците.

Во емисијата беа упатени обвинувања кон Факети, кој пред спорното полуфинале на купот (на Толдо му беше простен црвениот картон) кажа кој треба да суди, па беше избран Бертини, кого тогашниот претседател на Интер го нарече „паметен дечко“ кој знае што да прави.

Според тврдењата од емисијата, избришани се разговорите кои не само што го обвинуваат милановиот човек за судење Меани, но и Галијани со Колина.

Поранешниот судија Папареста вели дека не само Моџи, туку и директорите на другите клубови се појавиле во соблекувалните и протестирале, но дека не е точно дека судиите некогаш молчеле.

Масимо Селино, контроверзниот претседател на Каљари, зборуваше за мечот кој по големата судиска грешка беше загубен од Милан. Потоа доби совет дека ќе се случат страшни работи и да му се јави на Моџи…

Има приказна и за таен договор, за кој синоќа се шпекулираше дека Интер ќе ги обештети сите надвор од Јувентус кои се вмешани во Калчополи, како што е комесарот за судење Бергамо.

Се повтори и приказната за Гвидо Роси, кој беше клучот што му го додели скудетото на Интер. Подоцна му беше „доделена“ позицијата директор на Телеком, кој е во сопственост и на Тронкети Провера, споменатиот навивач на Интер.

Од вкупно 170.000 прислушувани разговори, само 25 на гореспоменатото УСБ се за Јувентус, беше откриено во синоќешната емисија.

Но, сега се е застарено, па Јувентус сигурно не може да ја турка целата работа понатаму, и не е важно, тие беа прогласени за виновни, другите се извлекоа и никогаш нема да ја тргнат стигмата на „Калчополи“ од најголемиот италијански клуб.