Ковачевски-Дингел: Целосна поддршка за Северна Македонија во евроинтегративниот процес кој ќе овозможи безбедност, стабилност и економски развој

 Премиерот Димитар Ковачевски во Вашингтон се сретна со демократската конгресменка Деби Дингел од Мичиген. На средбата, двајцата соговорници ја поздравија и ја потенцираа долгата и важна врска меѓу Северна Македонија и САД.

Премиерот Ковачевски ѝ се заблагодари на конгресменката Дингел за нејзините лични заложби и поддршка на нашата земја, но и воопшто на севкупните заложби на САД како наш пријател и стратешки партнер, соопшти владината прес-служба.

Дингел истакна дека како долгогодишна пријателка на земјава, посебно е горда на придонесот на македонската заедница во Мичиген  која исклучително ја цени. Притоа, изрази целосна поддршка за справувањето со предизвиците пред кои се наоѓа Северна Македонија, а кои ќе придонесат кон развој на државата.

Двајцата соговорници констатираа дека членството на Северна Македонија во НАТО придонесе кон безбедна и стабилна меѓународна клима не само во регионот од Западен Балкан, туку и во Европа.

На средбата, беше истакнато и дека членството во Алијансата и во ЕУ ефективно ќе придонесат во адресирање и надминување на многу сложени прашања, кои се значајни за одржување на светската стабилност како и економскиот развој на регионот.