Ковачевски како и Мицкоски не сака тајно да се среќаваат

Нема потреба да имаме тајни средби со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Кога ќе има средба таа ќе биде на јавен простор, изјави премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, одговарајќи на изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека не прифаќа тајна средба со премиерот.

-Јас не гледам дека има потреба да имаме тајни средби. Кога ќе имаме средба, таа ќе биде средба која ќе се случи во јавен простор – дали во Клуб на пратеници, во Собрание, на улица Македонија во некој кафиќ – рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање коментирајќи ја изјавата на Мицкоски дека тој нема да прифати никакви тајни средби со него.

Ковачевски рече дека уште не е договорено кога ќе се случи средбата со Мицкоски, нагласувајќи дека имаат комуникација на партиско ниво.

-Ќе видиме кога ќе договориме средба. Ние имаме комуникација на партиско ниво. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ е во редовна комуникација со заменичка-претседателка на СДСМ – рече Ковачевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ пред тоа изјави дека не постои нешто како јавна најава за тајна средба како што кажуваше самиот премиер.

-И сметам дека нема потреба да се среќаваме на никакви тајни средби. Не знам за Ковачевски, но јас со него немам ништо тајно за споделување. Јас го разбирам него. Сака да имаме средба, потоа тој кај него во партија да им раскажува работи кои не се случиле, да им создава лажна надеж и на тој начин да создава привид за некакво единство, за да ја додржи партијата во која има евидентно незадоволство по повеќе основи. Тоа се нивни работи, но јас знам дека кога и да имаме средба за тоа ќе биде известена јавноста – рече Мицкоски.