Ковачевски: МВР и Обвинителството на најпрофесионален начин ги идентификуваа сторителите

– Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека МВР и Обвинителството на најпрофесионален начин, на најврвно и посветено ниво успеаа да ги идентификуваат сторителите на убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски и тие ќе бидат изведени пред казната. Според премиерот, за вакво грозоморно дело и злосторство следуваат највисоки казни.

Ковачевски денеска по завршување на лидерската средба во одговор на новинарско прашање околу случајот со убиството на девојчето Вања, потенцираше дека излагањата на министерот за внатрешните работи и јавниот обвинител покажуваат дека се работи за изолиран случај на криминалци кои треба најжестоко да бидат казнети, согласно македонското законодавство.

-Не би сакал да повторувам тоа што во детали го објаснија и министерот за внатрешни работи и јавниот обвинител, меѓутоа сметам дека според начинот на кој што објаснија со сите детали, експлицитно кажува дека се работи за изолиран случај на злосторници, криминалци, кои треба најжестоко да бидат казнети согласно македонското законодавство, смета Ковачевски.

Како што рече, во однос на овој грозоморен чин, МВР и Обвинителството на најпрофесионален начин успеаа да ги идентификуваат сторителите и тие ќе бидат изведени пред казната.

-Со ова се потврди професионалноста на нашите истражни органи, на Обвинителството, кои што без никакво влијание од кого било постапуваат по овој случај и постапуваат и во другите случаи. Криминалот има име и презиме. Обврска на истражните и правосудните органи е да се справуваат со вакви криминалци, додаде Ковачевски.

Тој се заблагодари на медиумите, но и на членовите на специјалниот тим кој беше формиран во МВР, за расветлување на двете убиства. 

-Сакам да се заблагодарам и на медиумите кои што информираа за овој случај, но и на сите граѓани кои што споделуваа информации, како и на сите членови на специјалниот тим кој што беше формиран во МВР за расветлување на двете убиства, додаде премиерот Ковачевски.